Србија оди на вонредни избори следната година, најави Вучиќ

by vlatko 21:50
21:50

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека е прифатено главното барање на блокадерите и дека следната година ќе бидат распишани вонредни парламентарни избори.

-Го прифативме нивното главно барање, наскоро, следната година, ќе одиме на избори. Само нема да бидат толку среќни кога ќе ги пребројат гласовите. Одиме да ги победиме во секое место во Србија – рече Вучиќ, обраќајќи им се на собраните граѓани пред Домот на Народното собрание.

Тој истакна дека „секогаш силата, љубовта и верата се посилни од нивната омраза“, како и дека верува оти „наредната година ќе биде една од најдобрите, ако не и најдобрата во историјата на Србија“, кога ќе бидат изградени најмногу патишта и железници.

Вучиќ изјави дека е горд што за време на протестите на блокадерите немало ниту една жртва, наведувајќи како пример дека на протестите на „жолтите елеци“ и уличните демонстрации во Франција имало десетици загинати.

-Колку што ќе имам енергија, колку што ќе имам сила, ќе ми биде чест да бидам заедно со вас во борбата против сите кои сакаат да ја уништат нашата земја – рече Вучиќ, прецизирајќи дека тоа „мора да биде политичка борба“.

Слични вести