Советот на Град Скопје го усвои ребалансот на Буџетот

by vlatko 19:14
19:14

Со 37 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“, Советот на Град Скопје го усвои ребалансот на Буџетот.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека со ребалансот се обезбедуваат средства за инфраструктура, јавен превоз, образование, развој на зелени површини, стабилизација на градските финансии и редовна исплата на плати за вработените во јавните претпријатија со кратење на непродуктивните трошоци.

-Ребалансот е прв значаен чекор кон финансиска консолидација на градот. Со него буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари – рече тој.

Во делот на јавниот превоз, како што рече градоначалникот, се предвидува враќање на приватните автобуски превозници, соработка со Министерството за транспорт за активирање на проектот „Градски воз“, набавка на 80 нови автобуси од страна на Владата и отпочнување на процесот на разгледување на БРТ-системот.

Со ребалансот ќе се овозможи сите училишта под капа на Градот Скопје да добијат нови спортски терени, зони за фитнес, паметни табли, информатички кабинети, како и решавање на проблемот со недостаток на училишни клупи и столчиња.

За секој првенец на генерација ќе биде обезбеден лаптоп.

Предвидено е и формирање нови зелени зони меѓу кои парк „Христијан Тодоровски-Карпош“, парк „Лепенец“ и дополнителни 50 мали паркови низ различни делови од градот.

Слични вести