Откако вчера децидно се изјасни дека нема да спроведува реформи во правосудството што значат само зголемување на платите на судиите и обвинителите и за јавнообвинителската и судска служба, премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека се анализираат модели од европски земји што можат да се применат и кај нас за финансиска независност на правосудството.
Сепак, според него, тоа ќе значи и поголема отчетност од овие институции и поголема контрола на она што го трошат преку Државниот завод за ревизија и собраниската комисија.
Воедно, посочи дека вчера имал состанок со министрите за надворешни работи, за европски прашања, а потоа и со министерката за финансии, на кој се анализирала можноста за донесување на законите во правосудството што ги бара Европската Унија, но и дека се разгледуваат неколку модели за финансиска независност на правосудството од европските земји.
-Има чекор што се однесува на четири закони, а тоа се законите што ги опфаќаат судиите и обвинителите, Законот за јавнообвинителска и Законот за судска служба. Се бара независност во финансирањето, платите и да добијат независен буџет од државата и само да ја информираат извршната власт за одлуките што ги носат.
На пример, планот за вработување и унапредување што го имаат судиите и обвинителите да поминува одобрен од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а тие само да ја информираат извршната власт – рече тој.
На состанокот, како што рече, се анализирале неколку модели од Европа, колкав е тој процент и дали се однесува буџетот на приходните страни, вкупните приходи или на бруто-домашниот производ.
-Но, треба да знаат дека во тој момент одговараат за секој денар пари потрошени од вас граѓаните. Од хигиенски препарати, па се до реконструкција и санација на институциите. Ќе го добијат тоа. Јавно кажувам дека ќе го добијат откако ќе ја направиме деталната анализа како е тоа во современите земји.
Сами нека вработуваат, сами нека унапредуваат, сами нека се грижат за сите оперативни трошоци, сами нека си даваат плата во рамките на буџетот, кој ќе биде онаков каков што е во неколку примери кои ги дефиниравме – вели премиерот.
Сепак, посочи дека од нив ќе бара само една работа, а тоа е одговорност за потрошените народни пари преку Државниот завод за ревизија и собраниска комисија што врши надзор над работењето.
-Тоа се народни пари, тоа не се нивни пари. Како што мене ме контролираат, така и нив ќе ги контролираат – рече тој.