Славјанскиот универзитет на чело со министерот Серафимовски, соработувал со руски универзитет чии ректори биле дел од партијата на Путин и регионалната Дума!

Пред да стане дел од актуелната Влада формирана по политичките промени во 2024 година, новиот министер за земјоделство од редовите на ЗНАМ, Борче Серафимовски, бил генерален директор на Меѓународниот славјански универзитет од Свети Николе, кој имал соработка со рускиот државен Тамбовски универзитет, чиј поранешен и сегашен ректор биле/се членови и функционери од Единствена Русија на Владимир Путин. Во една пригода, Серафимовски посочил: „Македонците со многу топлина понекогаш го нарекуваат нашиот универзитет Руски институт. Тоа не е само знак на почит кон рускиот партнер, туку и го потенцира посебниот однос кон Русија од страна на словенските народи на Балканот. Во историската меморија на балканските народи, засекогаш останува улогата на Русија во нашето ослободување...“. Во одговорите до „Фокус“, тој категорично ги отфрла, како што вели, обидите неговото долгогодишно професионално искуство во високото образование да се претстави како припадност кон „каков било политички или идеолошки концепт“, истакнувајќи дека никогаш не бил дел од т.н. руски свет.

by vlatko 14:15
14:15

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Еден од ресорите каде дојде до промена во рамки на неодамнешната владина реконструкција беше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде на министерското столче седна Борче Серафимовски од ЗНАМ, наследувајќи го Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, Серафимовски напредуваше од државен секретар во министер за земјоделство.

Токму изборот на Серафимовски во нов министер за земјоделство, заедно со ротацијата на Иван Стоиљковиќ од Министерството за односи меѓу заедниците во Министерството за локална самоуправа, предизвика најсилни реакции од страна на опозицијата, која, покрај останатото, го обвини Серафимовски за поврзаност со Русија.

Така, осврнувајќи се на изборот на Серафимовски од ЗНАМ во министер за земјоделство, пратеникот на СДСМ Митко Трајчулевски, меѓу другото, посочи дека тој бил дел од јубилејното десетто Собрание на фондацијата „Руски мир“, организација која била основана во 2007 година со указ на рускиот претседател Владимир Путин.

–Генералниот директор на Меѓународниот славјански универзитет Борче Серафимовски беше дел од јубилејното десетто Собрание на фондацијата „Руски мир“, која е основана со указ од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин во 2007 година. Свое обраќање имаше и патријархот московски и на цела Русија – Кирил. Ние сме горда членка на НАТО – изјави Трајчулески.

Инаку, во официјалната биографија на Серафимовски стои дека дипломирал на катедрата за дефендолофија на Филозофскиот универзитет при УКИМ, но воедно се образувал и во Бугарија, така што дипломирал бизнис-менаџмент на „Црноризец Храбар“ во Варна, потоа магистрирал на меѓународни односи при „Неофит Рилски“ во Благоевград и на крајот докторирал организационони науки при „Свети Кирил и Методиј“ во Велико Трново.

Што се однесува до неговото работно искуство, пак, навел дека од 2025 година е дел од Министерството за земјоделство како државен секретар (од неодамна и како министер), додека претходно, односно во периодот од 2004 до 2025 година бил дел од Меѓународниот славјански универзитет со седиште во Свети Николе, при што пријавил 2 позиции – заменик-претседател на Управниот одбор и Генерален директор.

Притоа, Серафимовски во официјалното „сиви“ навел дека, покрај англиски, одлично говори и бугарски и руски јазик. Па, ако опозицијата предводена од СДСМ и ДУИ често го обвинува Стоиљковиќ дека е дел од т.н. српски свет, тогаш за Серафимовски вели дека е поврзан со концептот на „рускиот свет“, а како еден од аргументите што го наведуваат во поткрепа на тоа е неговото учество на „Руски мир“.

Впрочем, ова на собраниска говорница јавно го изнесе Трајчулевски од СДСМ, меѓутоа треба да се истакне дека станува збор за официјална информација објавена од страна на Меѓународниот славјански универзитет, чиј генерален директор бил Серафимовски пред да се пресели во Владата, т.е. во Министерството за земјоделство во 2025 година. Конкретно, на официјалната страна на универзитетот е објавено:

Серафимовски присуствувал на Собрание на фондацијата основана од Путин – „Руски мир“, каде се зборувало и за „актуелните проблеми на рускиот свет“, но тој тврди дека никогаш не бил дел од ваков концепт

„Генералниот директор на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“, м-р Борче Серафимовски, беше дел од јубилејното 10-то Собрание на фондацијата Русский мир, која е основана со указ од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин во 2007 година. Во Москва од 3-ти до 4-ти ноември, 800 делегати од неколку десетици земји се собраа за да разговараат за актуелните проблеми на рускиот свет.

На свеченото отворање на Собранието во Москва беа вклучени истакнати политички и јавни личности, шефови на министерства и оддели, претставници на здруженија на сонародници, универзитетски професори и наставници од руски училишта, автори на учебници, научници, писатели, дипломати, свештенството, културолози и новинари. Свое обраќање имаше и патријархот Московски и на цела Русија – Кирил“.

Патем, на интернет-страната на Славјанскиот универзитет може да се најде уште една интересна вест, со наслов: „Новиот придонес на ТСУ во развојот на односите меѓу Русија и Балканот“. Поточно, се работи за информација за средба одржана на 23 јуни 2016 година во Хрватска меѓу тогашниот ректор на Тамбовскиот државен универзитет од Русија „Г. Р. Державин“, Владимир Стромов, како и основачите на Меѓународниот славјански универзитет од земјава што го носи истиот назив – „Гаврило Романович Державин“ – Јордан Ѓорчев и Борче Серафимовски.

„И обете страни на преговорите посветија посебно значење. Универзитетите се наоѓаат во институционално дефинирана состојба, реализираат заеднички образовни програми, социјални проекти, но динамиката на современиот свет, потребата за екстракција на конкурентските предности од соработката бара нејзина корекција и разновидност“, стои во објавата на Славјанскиот универзитет од Свети Николе.

Понатаму, се наведува дека тогашниот ректор на рускиот Тамбовски универзитет Стромов порачал оти се договориле за проширување на врските. Како што рекол тој, главното тежиште во образовниот процес ќе го концентрираат на „создавање паралелни и заеднички образовни програми со издавање на двојни дипломи“. Во таа насока, нагласил: „Основно е да потенцираме дека нам ни е неопходно да го искористиме потенцијалот на синергија на нашата соработка“.

Во време на Серафимовски, Славјанскиот универзитет имал тесна соработка со рускиот Тамбовски универзитет, чиј поранешен ректор Стромов и неговиот наследник Моисеев биле избрани за пратеници во регионалната Дума како кандидати на Единствена Русија

Исто така, за важноста на соработката со рускиот Тамбовскиот универзитет зборувал и Ѓорчев, кој порачал двете страни скоро 10 години го негуваат пријателството. На крајот, во објавата се наведува дека Серафимовски посочил: „Македонците со многу топлина понекогаш го нарекуваат нашиот универзитет Руски институт. Тоа не е само знак на почит кон рускиот партнер, туку и го потенцира посебниот однос кон Русија од страна на словенските народи на Балканот. Во историската меморија на балканските народи засекогаш останува улогата на Русија во нашето ослободување“.

Во однос на рускиот Тамбовски универзитет, кој, според претходно изнесеното, има партнерски односи со Славјанскиот универзитет од Свети Николе, Стромов рекол и дека тој се доживува на Балканот како „ополномоштен претставник на Русија“. Во тој контекст, истакнал: „Сега на Балканот Русија е претставена многу слабо. Во социјално-политички простор на Балканот Русија скоро и да ја нема. Нашиот универзитет на очигледен начин ја пополнува постоечката празнина…“.

Освен што бил ректор на Тамбовскиот државен универзитет од 2015 до 2022 година, исклучително битно е да се напомене дека Стромов бил член и на владејачката партија во Русија – Единствена Русија, па дури во 2021 година бил избран и за пратеник во Регионалната дума на Тамбов од редовите на оваа партија формирана со цел да ги поддржува политиките на Путин. Дополнително, може да се најде податок дека тој јавно ја поддржал руската инвазија врз Украина, поради што бил ставен на листа на санкции од страна на Киев.

Сепак, тој ненадејно починал во 2022 година, кога прекинуваат неговите мандати како пратеник и ректор, додека на ректорската позиција на универзитетот го наследува неговиот близок соработник Павел Моисеев, кој исто така бил избран за член на регионалната Дума или Собрание на Тамбовската област на дополнителните избори по смртта на Стромов.

Воедно, Моисеев е заменик-секретар на регионалното одделение на Единствена Русија во Тамбовската област, а во Тамбовската дума е избран за претседател на Комитетот за односи со локалната самоуправа, јавните организации и пратеничката етика. Истовремено, тој е и координатор на партискиот проект „Нова школа“, кој се спроведува во соработка со државните образовни институции.

За време на неговиот ректорски мандат, Тамбовскиот државен универзитет учествува во федералната програма „Приоритет 2030“, која важи за една од главните програми за развој на високото образование во Русија, односно претставува најголемата владина програма за финансирање и стратешка поддршка на водечките руски универзитети. Конечно, Институтот за право и национална безбедност при ТДУ директно соработува со руските судови, обвинителства и органите за спроведување на законот, каде што студентите стекнуваат пракса.

Во врска со изнесените факти и податоци, „Фокус“ се обрати до Серафимовски, кој во одговорите што ни ги достави категорично ги отфрла, како што вели, обидите неговото долгогодишно професионално искуство во високото образование да се претстави како припадност кон „каков било политички или идеолошки концепт“. Тој тврди дека никогаш не бил дел од политичкиот концепт познат како „руски свет“, ниту пак неговата професионална работа била насочена кон промовирање такви идеи.

–Мојата работа во Меѓународниот славјански универзитет беше поврзана со управување со образовната институција, развојот на наставата, меѓународната академска соработка и создавањето повеќе можности за студентите. Универзитетот соработуваше со образовни институции од различни држави, меѓу кои и универзитети од земји членки на Европската унија, вклучително и преку програмата „Еразмус+“. Знаењето и науката не познаваат граници, но јавната функција има прецизна државна и политичка рамка. Македонија е членка на НАТО и држава со стратешка определба за полноправно членство во ЕУ.

Како член на Владата, целосно ги почитувам и спроведувам евроатлантската ориентација на државата, нејзината усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија и принципите на меѓународното право. Мојата професионална биографија е биографија на човек од образованието и менаџирањето, а не на учесник во нечиј политички или идеолошки проекти. Денес мојата одговорност е да работам во интерес на македонските земјоделци и да ги спроведувам политиките на Владата – вели Серафимовски.

Во однос на прашањето во кое својство присуствувал на Собранието на фондацијата „Руски мир“ и какви биле или се неговите односи со оваа фондација основана од Путин, тој вели дека станува збор за јавен меѓународен настан со стотици учесници од повеќе држави, меѓу кои универзитетски професори, наставници, научници, студенти, писатели, културни работници, дипломати и претставници на различни институции.

–Моето присуство беше исклучиво институционално и поврзано со мојата професионална функција на универзитетот. Не сум учествувал како политички претставник, не сум бил дел од органите на фондацијата и немам лична политичка или идеолошка поврзаност со неа. Присуството на еден меѓународен настан не значи поддршка за политиката на нејзината влада. Секој мој професионален ангажман од тој период треба да се оценува во контекстот во кој се одвивал, односно како дел од образовната и академската соработка, а не како дел од политички или геополитички процеси – вели Серафимовски.

Одговарајќи на прашањето каква била соработката со Тамбовскиот државен универзитет, односно дали оваа соработка имала политичко-идеолошки цели, новиот македонски министер за земјоделство вели: „Станува збор за соработка меѓу две високообразовни институции, која опфаќање размена на студенти и професори, учество на научни конференции, образовни работилници, летни школи и програми поврзани со наставата и академската мобилност. Во рамките на моите надлежности, таа соработка имаше исклучиво академски и образовен карактер. Во неа немаше политички активности или цели поврзани со промовирање определена идеологија“.

За потсетување, Максим Димитриевски, кумановски градоначалник и лидер на ЗНАМ, од чии редови доаѓа новиот министер за земјоделство Серафимовски, во 2024 година во својот кабинет го прими тогашниот руски амбасадор Сергеј Баздникин. Тогаш, Димитриевски појасни дека со амбасадорот разговарале за повеќе теми, со акцент на иницијативата за враќање на изучување на рускиот јазик во основните и средните училишта во Куманово како изборен предмет.

–Рускиот јазик во 2 училишта се учи повеќе од 70 години. За жал, немаме голем интерес за изучување на јазикот и секако како амбасадор (Баздникин), сакаше да информира што е причината. Тоа не е нова програма, но, како и да е, моите ставови, како и ставовите на Македонија, се дека имаме класична агресија на Украина и Македонија е на страна на европските и НАТО држави – истакна тој.

 

Слични вести