Пластични шишиња, кеси, остатоци од храна, мебел и шут се само дел од отпадот што секојдневно го преплавува тлото на Град Скопје. Контејнерите за отпад сè почесто се преполни, а ѓубрето се натрупува околу нив, создавајќи грда и потенцијално опасна слика за хигиената во главниот град, на само 20 дена пред локалните избори.
Граѓаните алармираат дека ова не е изолиран инцидент, туку траен проблем што станува сè полош. Според нив, отпадот често не се собира навреме, особено во изминатиов, а миризбата и глетката се сè понеподносливи.
Од ЈП „Комунална хигиена“ соопштија дека нивните екипи ги извршуваат обврските според распоредот, меѓутоа признаваат дека последниве недели има значително зголемување на фрлен отпад, особено кабаст и градежен, што дополнително го оптоварува системот.
„Отпадот од кантите во индивидуалните домувања се собира два пати во текот на неделата, а контејнерите наменети за одлагање комунален отпад поставени на јавни површини се празнат еднаш во текот на денот. Во последниот период, ЈП „Комунална хигиена“ Скопје се соочува со енормно зголемени количини на одложен комунален, кабаст и градежен отпад, како во контејнерите, така и во нивната непосредна околина, односно на јавни и на сообраќајни површини. Од овие причини може да се случи на одредени локации да има доцнење при собирањето и транспортот на отпадот“, соопштија од ЈП „Комунална хигиена“.
Минатата недела Синдикатот СУТКОЗ предупреди дека комуналните претпријатија се соочуваат со долгови, недостиг на кадар и опрема, како и со ниски и нередовни плати.
С.Т


