Додека надлежните институции истражуваат како петте тони марихуана заврши во соседството, „Фокус“ дознава дека десетина фирми што одгледувале медицински канабис, добиле ветер во грб од владата за да го развиваат својот бизнис. Па така, за субвенционирање на дел од овие компании биле издвоени 4 милиони евра. Договорите биле потпишувани за време на владата на СДСМ, а се исплаќале и за време на сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
На пазарот за одгледување медицинска марихуана, од самите почетоци во 2017 година, до сега, евидентираат 61 компанија. Во моментов, 43 компании се активни, за 14 била донесена одлука за одземање на лиценцата поради неисполнување законски услови, а во тек е одземање на лиценцата на уште 4 фирми.
Според податоците што ги обезбедивме од владината платформа „Отворени финансии“, 10 компании лиценцирани за одгледување медицински канабис, добиле државни субвенции, а од владата ни посочуваат уште дополнителни пет вакви фирми. Вкупната сума доделена за оваа цел е 4 милиони евра. Од владата појаснуваат дека проектите за субвенционирање се однесуваат на 4 години, а според годините кога договорите биле склучени, се заклучува дека речиси сите биле потпишани во времето на претходната влада на СДСМ, на чело со Димитар Ковачевски, а согласно тие договори исплатите се вршени и во времето на владата на Христијан Мицкоски.
Во трка за брза заработка, со лиценци се стекнаа шеесетина фирми, но само неколку навистина се пробија на пазарот и легално заработуваат преку извозот што им го подотвори државата. Се регулираше продажбата на маслото од канабис, но докрај не се прецизираше регулативата за извоз на сушен цвет од канабис. Па, доведени во мат позиција, дел од фирмите складираа милионски вреден цвет од марихуана. Дел заврши на црниот пазар, и тоа пред очите на надлежните, бидејќи изостануваа редовни контроли. Знаеја дека постојат фирми што одгледуваат канабис, дека истите немаат пазар каде да го пласираат, а од друга страна, пак, не се заинтересираа каде заврши оваа дрога.
Потврда за ова во изминатиот период беа и неколкуте полициски акции со заплени на марихуана, а за која се потврдуваше дека доаѓа од магацините на дел од овие лиценцирани компании. Јавна тајна беше и дека дел од одгледувачите самите ги лажираа кражбите, за да го оправдаат недостатокот на марихуаната која ја продале нелегално.
Пишува: Валентина Вурмо
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК