Пишува: Ана ПАНОВСКА
Нема веќе вести, ни на телевизиите, ни на радијата, ни во ретките дневни весници. Медиумскиот простор е окупиран со такви содржини кои веќе претставуваат закана за нормалниот граѓанин, за неговата психолошка стабилност. Целиот јавен дискурс, благодарејќи на агресивната пропаганда на владејачката партија, личи на фризиран полициски билтен, на спектакуларни обвинителско-судски претстави во кои со непотребните детали се оди директно во перверзија.
Во ред, нема дилема дека јавноста треба да знае што се правело во минатото, на пример, во нашето здравство, во случајот со онкологија и ред други. Но, дали некој сфаќа дека денес на стотици пациенти, кои спасот го гледаат во Клиниката за онкологија, со таквите детали од судењата им се одзема надежта, прашувајќи се дали ја добиваат вистинската терапија, дали им даваат погрешни лекови и дали на таа клиника има останато хумани луѓе, доктори и друг медицински персонал, кои си ја сакаат професијата, кои сочувствуваат со пациентите и даваат сѐ од себе за спас на нивниот живот. Има! Има! Само нашите медиуми оценуваат дека тие „обични“ доктори не се интересни за јавноста кога за нив нема нешто што потсетува на скандал. Да беа криминалци со мафијашки прекари ќе беа легенди. Вака ништо! Секое „чудо“ трае, толку, три дена. Потоа се бара некое ново уште поатрактивно и поневеројатно „чудо“. Ајдеее! Во нови победи!
ШТО СТАНА СО НЕПОТРЕБНИТЕ КАРДИОЛОШКИ ОПЕРАЦИИ?
А, што стана со приватните клиники каде што се изведувале непотребни кардиолошки операции? Со денови се ораше таа тема, море комисии формирани од Министерството за здравство дури и со странски експерти, кои ги чекавме со денови… и ништо! Остана чаршијата да си прави келеш-муабет, да лицитира. Море, тоа е клиниката на Жан Митрев, не, „Систина“ правела такви далавери, не, има еден кардиолог од државната клиника… На крај ништо не разбравме. Бездруго Заев, откако не успеал да му ја земе клиниката на Жан Митрев, ја пуштил бубачката за непотребните кардиолошки операции, а Министерството за здравство, откако здраво се затрча, издиша, спласна… Спасот дојде лично од кардиологот кој на ТВ Алфа убаво објасни дека Заев му вршел притисок и тој е крив!!! И така работата се забошоти. Не дознавме ништо.
Не дознавме ни каков епилог доживеа грозоморната драма во режија на Палчо со обвинението за двете убиства. Можеби јас сум ја пропуштила таа вест, ама кога секоја вечер ти раскажуваат како ја грабнале, како ја однеле и како ја убиле кутрата Вања и оној несреќен фризер од Велес, јас можеби сум очекувала дека ќе слушнам некоја громогласна, строга, широко образложена пресуда која исто така ќе се бамка со денови. Но, ништо.
Па, сега со марихуанава ќе биде чудо. Кој сѐ е замешан во шверцот на марихуана, дали петте тони воопшто и биле прошверцувани од кај нас во Србија, кој непрописно ги одгледувал запленетите 40 тони од ова опојно растение, дали одгледувањето на марихуаната оди за медицински потреби или за црниот пазар… сега со денови ќе се нагаѓа. Сите ќе бидеме детективи, ќе нѐ јадат секакви сомнежи. Додуша, најлесно им е на вмровциве. Тие не му ја мислат. Немаат никакви сомнежи − знаат кој е крив. Веќе по социјалниве мрежи и го обесија. Нормално, Зоран Заев, кој друг? Можеби! Но јас сепак би ја почекала реакцијата на обвинителство. Чекањето е наша судбина. Уште чекаме да се стокми целосното обвинение за Кочани.
Стрплив е овој народ. Можеби не се разбира во многу работи, можеби и не е доволно поткован за предизвиците на денешницава, можеби по малку е и мрзлив, ама знае да чека и да си се теши со поговорката „кој чека, ќе дочека“, а што ќе дочека, ќе види кога ќе дочека!