Македонскиот воздушен простор ќе биде целосно затворен за сообраќај на 20 и 24 октомври, поради најавен штрајк на контролорите на летање, објави „24info“, повикувајќи се на извори од синдикатот на Македонска навигација (М-НАВ).
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) повторно ја активира одлуката за штрајк, откако, како што наведуваат, менаџментот на М-НАВ не ги исполнил претходно дадените ветувања. Според нив, состојбата во претпријатието задолжено за безбедноста во авиосообраќајот е загрижувачка, а неопходните кадровски решенија се одложуваат и блокираат.
Од синдикатот велат дека 20 октомври е намерно избран како датум за почеток на штрајкот, поради завршувањето на локалните избори.
„Не сакаме да му дадеме можност на раководството на М-НАВ да го прикаже штрајкот како политички мотивиран“, велат од ССКЛМ.
Контролорите бараат: Запирање на партиските вработувања во М-НАВ; Одобрување од Министерството за финансии за објавување на огласи за нови вработувања – пред сè за контролори на летање и инженери; Распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција за изработка на функционална анализа на потребите на претпријатието.
Иако штрајкот првично беше закажан за 10 јули, тогаш беше одложен поради, како што рекоа синдикатите, „одредени позитивни чекори“ од страна на менаџментот. Сепак, поради застој во спроведувањето на ветеното, контролорите повторно застануваат цврсто зад своите ставови.
Доколку не дојде до договор, штрајкот ќе се реализира на секоја прва и четврта недела во неделата – односно секој понеделник и четврток, се додека не се исполнат барањата.