Дополнителни 26.000 вакцини против сезонски грип најдоцна од понеделник ќе бидат достапни за граѓаните, а со планираната набавка на уште 30.000 дози, вкупниот број вакцини ќе достигне 86.000. Поради зголемените количини, Министерството за здравство размислува дел од вакцините да ги направи достапни и за граѓаните кои не припаѓаат на ризичните групи, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој информираше дека новите 26.000 вакцини минатата недела пристигнале во Словенија и се очекува утре или најдоцна в понеделник да бидат ставени во употреба во земјава.
„Сите документациски работи се завршени, така што овие количини најдоцна од понеделник ќе бидат достапни“, изјави Клековски.
Министерот посочи дека сè уште има вакцини на располагање од првата набавка, а со пристигнувањето на новите количини ќе може со поголема сигурност да се забрза темпото на имунизација.
Досега се вакцинирани приближно 20.000 граѓани, а се очекува да биде извесна и набавката на дополнителните 30.000 вакцини.
„Очекувам утре или в понеделник да донесеме одлука дали дел од вакцините ќе ги направиме достапни за неризичните групи, бидејќи со крајната набавка на 30.000 вакцини ќе има 86.000 достапни вакцини“, рече Клековски.
Тој нагласи дека досега никогаш повеќе од 80.000 вакцини против грип не биле ставени на располагање, поради што ќе се направи процена дали одредени барања за вакцинација ќе може да бидат прифатени и од граѓани надвор од ризичните групи, преку приватно вакцинирање.