Се помалку осомничени го следат примерот на Мијалков и Камчев да се најдат на „половина пат“ со Обвинителството, лани се спогодиле само 203 лица

by valentina 16:53
16:53

Можноста за спогодба, односно осомничени или обвинети лице да се најдат на „половина пат“ со обвинителството и да се договорат за казната која ќе треба да ја одлежат, со што ќе се избегне судење, процеси кои најчесто траат со години, не заживеа во македонскиот правосуден систем, иако законската можност постои од 2013 година. Пошироката јавноста за овој правен институт стана свесна дури во 2022 година, кога нашироко се рашири веста дека обвинетите во „Империја“, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и бизнисмените Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ се спогодиле со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да одлежат некој период во затвор и да вратат неколку милиони евра во државниот буџет.

Кога на овој начин завршуваат предмети, се добива на ефикасност, односно се ускратуваат месеци па и години судење, но и економичност, бидејќи се скратуваат и адвокатските и судските трошоци кои знаат да достигнат енормно високи суми.

Сепак, според статистиката од годинешниот извештај за работата на сите јавни обвинителства, се заклучува дека многу мал број предмети финишираат на овој начин, бидејќи лани за време на истрагата се спогодиле само 117 лица, или 6,3% од предметите завршиле на овој начин.

„Во досегашната пракса овој институт од самиот почеток е прифатен од сите учесници и се применува. Сепак неговата примена за период подолг од 10 години не го има достигнато потребниот степен, се уште преовладуваат обвиненијата и редовната судска постапка. Од податоците произлезе дека во 2025 година истрагата била завршена против вкупно 1.859 лица, при што само против 117 лица во текот на истрагата е поднесен Предлог за спогодба или 6,3 %, што е апсолутно малку во однос на поднесените Обвинителни акти против 1.549 лица или 83,3 %, се наведува во извештајот на Обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека за разлика од кај нас, во Америка поголемиот број на предмети завршуваат со спогодба.

„Во системите со подолга традиција за овој институт, на пример во САД, со спогодба завршуваат над 80 % од случаите, обратно од нашата пракса“.

Дури се забележува и намалување во однос на 2024 година.

„Споредбено со 2024 кога институтот спогодување бил применет за 265 лица, во 2025 имаме вкупно за 203 лица што е намалување за 62 лица. Најголем е падот на подрачјето на ВЈО Скопје, има пад кај ОЈО ГОКК за една половина, најголем е порастот на ВЈО Гостивар, а константа е кај ВЈО Битола и Штип. Како и претходно најмногу спогодби се склучуваат во текот на истрагата, па во скратена постапка, а најмалку по поднесени обвинителни акти после истрага“, се наведува во извештајот.

Од обвинителството појаснуваат дека во сите фази на кривичната постапка до почетокот на судењето, за сите кривични дела, како за оние со пропишана парична казана или казна затвор до 5 години за кои се води скратена постапка, така и за оние кривични дела со пропишана казна затвор над 5 години за кои задолжително се спроведува истрага, со Законот за кривична постапка кој е во примена од 01 ноември 2013 година се воведе нов процесно правен институт во кривичната постапка – спогодување за вина помеѓу јавниот обвинител и осомничениот.

-Придобивките од Спогодувањето се големи, се зголемува ефикасноста на прогонот и пресудувањето, постапката трае многу помалку, со многу помалку трошоци за сите учесници, непотребно не се ангажираат ресурсите на обвинителството и судот, се забрзува целата постапка во интерес на осомничениот и воедно на оштетениот кој побрзо го остварува своето право, посочуваат од Обвинителството.

Со спогодбите, на еден начин во „добивка“ се и двете страни. Обвинетите, се разбира, оние кои тешко можат да ја докажат својата невиност пред суд, признаваат вина, ама и добиваат помала казна од таа која би им ја досудил судот. Обвинителството пак го зголемува бројот на добиени предмети во нивна полза.

В.В.

Слични вести