Предвидена е казна од најмалку 10 години затвор: Се бара притвор за убиецот на охриѓанецот Климе Митрески

by irena 16:59
16:59

Охридската полиција поднесе кривична пријава за Ж. Г. (53) од тетовското село Брвеница осомничен за убиството на 76-годишниот Климе Митрески од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Убиство по член 123 од Кривичниот законик. Убиениот Митревски беше сопственик на угостителскиот објект „Климентов конак” во стариот дел на Охрид. Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка.

„На 25 март, осомничениот 53-годишник од тетовска Брвеница од користољубие лишил од живот едно лице. Делото го извршил во куќата на оштетениот во Охрид, со цел да го спречи сега починатиот Климе Митрески да го раскине договорот за доживотна издршка кој го склучиле кај нотар во февруари 2025 година. Според договорот, осомничениот по смртта на оштетениот требало да добие голем имот. Но оштетениот веќе презел дејствија за раскинување на тој документ. По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата. За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото. Присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период се евидентирани на снимки од видеонадзор поставен во куќата на оштетениот, а во текот на претходната постапка обезбедени се и други снимки од видеонадзор за неговото движење, како и други материјални докази“, соопшти Обвинителството.

Од таму велат дека во конкретниот случај сомненијата упатуваат на особено тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, што го прави ризикот од бегство значителен, а од извршувањето на делото осомничениот веќе презел дејствија за прикривање на трагите. Имајќи ги предвид овие околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, сокривање или уништување на трагите на кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.

Слични вести