СДСМ: Муцунски прави партизација на МНР како филијала на ВМРО-ДПМНЕ

by irena 12:48
12:48

СДСМ критикува дека од моментот кога Тимчо Муцунски стана министер, сведоци се за целосен дебакл на надворешната политика и на целосна партизација, непрофесионалност и урнисување на Министерството за надворешни работи како институција. Според најголемата опозициска партија, Муцунски го претворил МНР во партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ.

-Муцунски поставува кадри без елементарно познавање на дипломатијата, кои не ги исполнуваат основните критериуми. Пример е Веле Трепевски, кој без соодветни квалификации Муцунски го постави за директор за организациони работи, а сега е предложен и за амбасадор во соседна Албанија. Единствена негова работа е заедно со државната секретарка Елена Кузмановска, да врши масовни партиски унапредувања на кадри блиски до ВМРО-ДПМНЕ – по налог на Муцунски а на штета на искусни и стручни дипломати.

Горан Трајков, сопруг на Викторија Трајков, е унапреден во министер-советник без да ги исполнува законските критериуми. Никола Гугоски, синдикален претставник што работи под партиски директиви на ВМРО-ДПМНЕ, е унапреден и испратен во Истанбул. Васко Дамчевски, поранешен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и учесник во настаните од 27 април 2017, е унапреден двапати и сега оди во Конзултатот во Солун како ополномоштен министер – токму таму каде што му студира детето, истакнуваат од СДСМ и додаваат дека партизацијата продолжува и преку злоупотреба на системот за испомош.

-Дипломат кој пред два месеца се вратил од мандат, веќе е испратен во Париз. Исти практики гледаме и во Берлин и други дипломатски мисии. Над 20 лица се ангажирани со договор за дело, а дел од нив не се ни појавуваат на работа. Без никакво објаснување амбасадорот Весел Мемеди е вратен во Италија, иако законскиот рок за усогласување на ставовите за неговиот статус одамна е поминат.

Ова е уште еден доказ дека Муцунски ја води дипломатијата како приватна сопственост, а институциите ги третира како филијали на ВМРО-ДПМНЕ. Во исто време, во самото Министерство владее хаос: Често нема вода во тоалетите, не работи системот за ладење, недостасуваат основни материјали за работа, стои во партиското соопштение.

Слични вести