Опозицискиот СДСМ остро го осуди инцидентот во кој денеска физички беше нападната градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, при увид на дивоградба во скопски Чаир.
„Со недели наназад, јавноста гледаше како во Скопје се откриваат скандали, дивоградби, приклучоци, милионски малверзации, но наместо истрагите да завршат со расчистување на криминалот, завршија со закани. Наместо институциите да ги казнат криминалците, молчеа. Наместо полицијата да ги заштити граѓаните и правото, дозволи ова да се случи – рече партиската портпаролка Богданка Кузеска.
Ваквиот напад, како што додаде, е срам за за државата и порака до сите граѓани дека ако зборуваат за кримнинал и неправда, ќе бидат замолчени со сила.
Со осуда излезе и ДУИ, од каде соопштија дека актите на насилство, вербалните напади и обидите за попречување на институционалните претставници во извршувањето на нивните обврски претставуваат директен напад врз демократскиот поредок и функционирањето на правната држава.
„Независно од политичката припадност или институционалната функција, ниту еден функционер не смее да биде предмет на јавен линч или физичка и вербална агресија“, велат од ДУИ.
За нападот врз Арсовска, полицијата приведе 2 лица.