СДСМ денеска се осврна на празничниот говор на премиерот Христијан Мицкоски и неговите тези за „елитата“ и „талогот“, при што наведе дека „елита“ сe оние кои имаат часовници што чинат 60.000 евра, кои носат скапи костуми и кои имаат апетити за авиони“, алудирајќи токму на Мицкоски.
Откако Мицкоски во говорот за Денот на независноста повторно ги нападна противниците нарекувајќи ги „талог“ и зборуваше дека во Македонија има „елити“ кои ја влечат државата наназад, од СДСМ посочија дека власта сака да го убеди народот дека таа, нејзините први луѓе, се елита во државата.
„Надменоста и ароганцијата се одлики на оваа елита. Нема одговори на прашања – има само навреди. Се однесуваат како државата да е нивна приватна сопственост. Оваа криминална ВМРО-елита, по углед на елитата од криминалната организација на Вучиќ, балканскиот картел, чии членови се луѓето од групата на Мицкоски, ги прави истите работи.
Елита што ќе ужива во луксуз, полнејќи ги своите џебови со народни пари. Тендер-патриоти со бугарски државјанства и фирми. Дури и промоцијата им ја работи бугарска фирма“, велат од опозициската партија.
Во одговорот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, таа го брани Мицкоски наведувајќи дека тој чесно го заработил она што го има.
„СДСМ никако не може да сфати дека и во Македонија може да се заработи на чесен начин, а сето тоа да биде јавно и транспарентно видливо за јавноста. Таков е примерот со претседателот Мицкоски кој јавно стотици пати има говорено за тоа како заработил во својот живот.
За неговиот начин на работа ниту еден човек нема никогаш кажано дека тоа е на нечесен начин, дека заработката е преку трети лица, фирми во странство или пак местејќи тендери.
Напротив можеме да слушнеме само пофални зборови за универзитетски професор, кој самите студенти го имаат признаено како најдобар професор на својот факултет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.