Од СДСМ велат дека додека граѓаните се дават во долгови и се соочуваат со минимална плата од околу 400 евра, државата повторно се обидува да продаде дел од запленетиот имот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој, како што наведуваат, наместо да ја издржува казната во Идризово, живее во луксуз во Унгарија.
„Така изгледа кога криминална организација е на власт“, наведуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, на продажба се станови и друг имот вреден неколку милиони евра, додека Груевски и неговото семејство, како што тврдат, располагаат со имот и средства во вредност од над две милијарди евра.
Од СДСМ обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски не бараат екстрадиција на Груевски, ниту, како што велат, се дистанцираат од неговите политики.
„Месеци наназад нема одговор на прашањето дали се испратени документите за негово испорачување“, велат од СДСМ.
Од партијата тврдат дека наместо правда, актуелната власт ги продолжува практиките од минатото.
„Мицкоски продолжува по стапките на својот ментор – носи скапи часовници, купува владини авиони и ја одржува културата на недопирливост и лично богатење на грбот на граѓаните“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението потсетуваат и на, како што велат, „Мерцедесот од 650.000 евра, наочарите од 60.000 евра и луксузот во кој пловеше Груевски“, оценувајќи дека денес „истото се гледа и кај Мицкоски, само во понова и поагресивна верзија“.
„Ова не е минато. Ова е сегашноста на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
Од партијата сметаат дека продажбата на дел од запленетиот имот не претставува вистинска правда и повикуваат Владата да преземе активности за екстрадиција на Груевски и конфискација на, како што тврдат, целиот негов нелегално стекнат имот.
„Народот не заборава. Наскоро доаѓа време за отчетност и правда“, порачуваат од СДСМ.