Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, денес ги отфрли тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека САД поставиле рок до јуни за решавање на конфликтот во Украина.
„Тој рок во јуни го спомена претседателот Зеленски. Не мислам дека ова е нешто што САД некогаш го предложиле. Сакаме борбите да завршат. Сакаме двете страни да се здружат и да се договорат за мировен договор. Подобро е да се направи тоа порано отколку подоцна, и… само сакаме… да видиме крај на страдањето и убивањето во Украина“, рече Витакер во говорот на Минхенската безбедносна конференција, објави Гардијан.
Тој додаде дека роковите во оваа средина имаат тенденција да бидат „многу опасни“.
„Сакаме мировен договор. Мислам дека ќе го завршиме ова штом ќе биде готово. Но, на крајот, обете страни, Русите и Украинците, ќе мора да се согласат со кој било договор што ќе биде постигнат“, рече Витакер.
Според него, САД очекуваат Европа „да го сподели товарот и на крајот да ја преземе конвенционалната одбрана“.
Витакер нагласи дека САД не сакаат да ја расклопат Алијансата, ниту да ги загрозат постојните сојузи, туку само да го „балансираат“ начинот на кој товарот на одбраната паѓа врз различните земји-членки на НАТО, со тоа што ќе ги охрабрат европските сојузници да „сторат повеќе и да бидат способни и силни, бидејќи таа сила е она што гарантира мир“.