Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, од Скопје изјави дека Алијансата не е директно вклучена во конфликтот на Блискиот Исток, но предупреди на зголемените ракетни способности на Иран, кои, според него, претставуваат закана не само за регионот туку и за Европа.
На прес-конференцијата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно, Руте нагласи дека Иран со децении е „експортер на хаос“, преку терористички напади и обиди за атентати. Тој истакна дека според неговото лично искуство, многу лица се под закана од иранскиот режим.
„НАТО не е вклучено и ќе го одбрани секој дел од територијата на Алијансата“, порача Руте, додавајќи дека ситуацијата е подобрена со намалувањето на нуклеарните капацитети на Иран. Тој го спомена и врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, посочувајќи на неговата одговорност за илјадници жртви.
Според Руте, кампањата во Заливот ја водат Соединети Американски Држави и Израел, додека повеќе сојузници обезбедуваат значајна поддршка во делот на пристапот и логистиката, но не се директно дел од воената кампања.