Русија изврши масовен напад врз Украина со дронови и со ракети

by irena 21:19
21:19

Русија во текот на ноќта изврши втор голем бран напади со дронови и со ракети врз Украина во рок од четири дена, соопштија владини претставници во вторникот, повторно насочувајќи се кон електроенергетската мрежа во услови на екстремно ниски температури, објави „Асошиејтед прес“.

Нападот се смета за јасна порака на игнорирање на напорите за мир предводени од САД, во време кога руската инвазија врз соседната земја се приближува кон четвртата година.

Русија во текот на ноќта истрелала речиси 300 дронови, 18 балистички ракети и седум крстосувачки ракети кон осум региони, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи.

Еден од ударите во североисточниот регион Харков усмртил четири луѓе во магацин на поштенска служба, а неколку стотици илјади домаќинства останале без електрична енергија во регионот на Киев, изјави Зеленски.

Дневната температура во Киев, кој повеќе од две недели е изложен на силен студ, изнесувала минус 12 степени Целзиусови, со улици покриени со мраз и со постојан звук на генератори што се слушал низ целата престолнина.

Киев со денови се соочува со сериозен недостиг од електрична енергија, а градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека нападите во понеделникот навечер предизвикале најголем електричен прекин што градот го доживеал досега.

Слични вести