Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, денеска ја реконструираше владата, обидувајќи се да ги ограничи последиците од скандалот за наводна измама со земјоделските субвенции од Европската Унија.
Европските обвинители минатата година поднесоа обвиненија против десетици грчки одгледувачи на добиток за фалсификување документи за сопственост на пасишта со цел да добијат право на неколку милиони евра субвенции од ЕУ, наводно со помош на државни службеници и конзервативни политичари.
Поради скандалот, еден министер и неколку високи владини претставници поднесоа оставки, а ЕУ минатата година парично ја казни Грција поради лошо управување со субвенциите од страна на грчката Агенција за исплати.
Главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, како дел од проширената истрага, пред два дена побара од грчкиот парламент да го укине имунитетот на најмалку 11 пратеници, како и на одредени министрите, за да можат да бидат испитани за нивната наводна улога во аферата.
Обвинителката не ги именуваше претставниците и министрите кои се уставно заштитени од кривично гонење освен ако парламентот не им го одземе имунитетот.
Министерот и четворица високи владини функционери поднесоа оставки минатата година поради нивната наводна улога во измамата.
Мицотакис денеска го именува Маргаритис Шинас, поранешниот потпретседател на Европската комисија задолжен за промовирање на европскиот начин на живот, за министер за земјоделство.
Евангелос Турнас, пензиониран офицер на грчките воздухопловни сили, беше назначен за министер за климатски кризи и цивилна заштита.