Од почетокот на руската инвазија врз Украина, голем број припадници на руската елита починале на сомнителен и таинствен начин. Аналитичарите велат дека причините за тоа се сложени, но и типични за руската висока политика.
Иако поради затвореноста на Русија не постои точна и сигурна бројка, според западните агенции и руски активисти, повеќе од 75 важни личности од политичките, воените и деловните кругови на Русија починале под сомнителни или неразјаснети околности од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година до јули 2025 година.
Во тоа се вклучени олигарси, политичари, воени функционери и лица поврзани со државните структури.
Официјална Москва нивните страдања ги нарекуваше самоубиства, падови од прозорци, случајни труења, срцеви удари или насилни смртни случаи во семејни трагедии.
Последниот таков случај е смртта на Роман Старовојт. Неговото тело беше пронајдено во московската област Одинцово, каде што живеат многу членови на руската елита.
Руските медиуми објавија дека извршил самоубиство во парк со пиштол што му го подарил претседателот Путин.
Старовојт од мај 2024 година беше министер за транспорт, а претходно беше гувернер на Курската област, која украинските сили ја нападнаа во август 2024 година.
Воениот успех на Киев во тој регион ја понижи Русија. Старовојт беше сменет од министерската функција непосредно пред самоубиството.