Путин: Западните сили во Украина ќе бидат легитимни цели за уништување

by irena 11:13
11:13

Рускиот претседател Владимир Путин порача дека доколку западни воени сили бидат распоредени во Украина, тие ќе се сметаат за легитимни цели на руските напади.

„Ако некои трупи се појават таму, особено сега за време на воените операции, тргнуваме од фактот дека тоа ќе бидат легитимни цели за уништување“, изјави Путин на економскиот форум во Владивосток. Тој додаде дека доколку се донесат одлуки што ќе доведат до долгорочен мир, тогаш „нема никаква смисла од нивното присуство во Украина, точка“.

Оваа изјава следи ден по настапот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој објави дека 26 земји се обврзале да ѝ обезбедат поствоени безбедносни гаранции на Украина, вклучително и присуство на меѓународни сили на копно, море и во воздух.

Иако Макрон не прецизираше кои држави ќе испратат војници, познато е дека Франција и Велика Британија се дел од иницијативата. Од друга страна, Германија најави зголемување на издвојувањата за обука и вооружување на украинската армија, но испраќањето војници ќе се разгледува дури по постигнување јасни услови за мир. Италија и Полска веќе соопштија дека нема да испраќаат воени контингенти.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека странските воени контингенти не можат да обезбедат гаранции за Украина и дека е потребна сериозна дипломатска работа пред да дојде до нова средба на највисоко ниво меѓу Москва и Киев.

Слични вести