Рускиот претседател Владимир Путин, на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска, изјавил дека доколку Русија сака може да го окупира целиот Донецк и другите делови од Украина каде што сe уште се водат борби, пишува американскиот портал „Аксиос“.
Според извори запознаени со разговорите, Трамп ја пренел таа порака до Володимир Зеленски и лидерите на НАТО во телефонски разговор што траел повеќе од час и половина. Според Трамп, Путин јасно ставил до знаење дека не сака прекин на огнот, туку сеопфатен договор за завршување на војната.
Според изворите што ги цитира „Аксиос“, во повикот, исто така, се дознало дека Путин е подготвен да ја заврши војната во замена за територија и да се обврзе дека нема да се обидува да заземе дополнителни територии во Украина или да нападне други земји.
Во истиот разговор, Трамп рекол дека верува дека „брз мировен договор е подобар од примирје“, што е целосно пресврт од неговите претходни ставови. Зеленски одговорил дека Путин погрешно ја претставува ситуацијата на бојното поле.
Инаку, „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на повеќе извори запознаени со разговорите, објави дека Путин на средбата со Трамп во Алјаска побарал Украина да се повлече од регионот Донецк како услов за завршување на војната.
Според овие извори, Путин му рекол на Трамп дека во замена за Донецк ќе се согласи да ја замрзне воената линија на југ, во регионите Херсон и Запорожје, каде што руските сили држат голем дел од територијата, како и дека нема да започне нови напади за освојување на дополнителни области.
Руските сили моментално контролираат околу 70 проценти од Донецк, додека западниот дел од регионот со голем број градови останува под украинска контрола и е клучен за одбраната на источниот фронт.