Рускиот претседател Владимир Путин му порача на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун дека двете земји ќе продолжат да го зајакнуваат сеопфатното стратешко партнерство, пренесува денеска агенцијата KCNA.
Путин го изјави ова во својата честитка до Ким по повод 78-годишнината од основањето на Демократска Народна Република Кореја, пренесува РИА Новости.
„Без сомнение, ќе ја продолжиме најблиската заедничка соработка за дополнително зајакнување на сеопфатното стратешко партнерство меѓу нашите земји“, рече Путин.
Рускиот претседател изјави дека односите меѓу Москва и Пјонгјанг „отсекогаш се засновале на принципите на пријателство, добрососедство и заемна помош“.
Во јуни 2024 година, Путин и Ким го потпишаа Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Северна Кореја, кој стапи на сила на 4 декември истата година, по размената на инструментите за ратификација.
Членот 4 од тој договор предвидува дека другата страна без одлагање ќе обезбеди воена и друга помош со сите расположливи средства доколку една од државите биде изложена на вооружен напад од друга држава или од повеќе држави и се најде во состојба на војна.
Таквата помош се обезбедува во согласност со Членот 51 од Повелбата на Обединетите нации и законите на Русија и Северна Кореја, според наводите на агенцијата.