Првиот човек на битолскиот огранок на СДСМ Методија Куновски попладнево си поднесе оставка од позицијата, неполни 24 часа откако Венко Филипче одлучи во најтесното партиско раководство од Битола да го вметне Драган Крајовски.
Куновски, кој дојде на чело на ОО на СДСМ Битола во ноември лани, попладнево на Фејсбук обзнани дека оставката ја доставил лично до претседателот Венко Филипче.
„Одлуката ја донесов по темелна и одговорна лична и политичка проценка. Таа е резултат на подолг процес во кој, како претседател, се соочував со сериозна дилема помеѓу чувството на обврска и одговорност кон организацијата и впечатокот дека принципите што јавно ги застапуваме, во пракса сѐ потешко се остваруваат. Социјалдемократијата во која верувам, не е декларација, туку вредносен систем што мора да се живее секојдневно – низ транспарентност, вклученост и политичка одговорност“, напиша Куновски, инаку поранешен новинар а сега вработен во прес службата на РЕК „Битола“, позиција која ја доби со доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година.
Куновски уште образложува дека функцијата претседател на ОО на СДСМ Битола ја прифатил со искрена и чесна намера да придонесе во јакнењето на организацијата, нејзино отворање кон членството и враќање на довербата кај граѓаните, но вели:
„За жал, во текот на изминатиот период сѐ поизразени станаа практики кои не се во согласност со моите лични принципи, како и со вредностите на социјалдемократијата“.
Без да ги конкретизира проблемите во партијата Куновски наведува:
„Не можам и не сакам да носам функција без суштинска можност за влијание, ниту да бидам формално присутен во процеси со кои суштински не се согласувам. Сметам дека политичката и моралната одговорност налага јасен став и чесен чекор, особено кон членството и кон граѓаните на Битола“, напиша Куновски во објавата со која се заблагодари и на членството за соработката.