Грција реагира на изјавите од Мицкоски дека „го вратил името“

by jadranka 20:57
20:57

Грчкото министерство за надворешни работи реагираше денеска на вчерашниот став на премиерот Христијан Мицкоски дека го „вратил името“ на Македонија бидејќи и лидерот на СДСМ почнал да ја нарекува така земјата наместо Северна Македонија.

„Потсетуваме дека уставното име на соседната држава е ‘Северна Македонија’, како што е јасно дефинирано во член 1 од Преспанскиот договор, на кој таа е страна, што го потпишала. Преспанскиот договор е дел од Уставот на Северна Македонија и е целосно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво. Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот нема да биде прифатен од грчката страна.

Преспанскиот договор е дел од меѓународното право и неговото почитување е основа на мирниот соживот на народите и државите. Во меѓународните договори нема фактички ситуации, нивната примена е универзална.

Напредокот во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на нашиот сосед бараат строго почитување на договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“, стои во реакцијата на грчкото МНР.

Премиерот коментирајќи ги вчера порано искажаните критики од СДСМ дека не може да му се верува, меѓу другото, затоа што ветуваше поништување на Преспанскиот договор, а не го оствари, како аргумент дека не е така, во интервју за Сител го посочи лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, за кој, како што рече, во последно време постојано во јавните настапи земјава ја нарекува само Македонија.

„Ги гледам, аха не можело на Мицкоски да му се верува, тој рече дека ќе го врати името, ќе го поништи (Преспанскиот) договор. Па, еве – го вративме. Па, дури и Венко, кому му беше устата полна со ‘северна’, сега користи Македонија“, рече синоќа во интервјуто премиерот Мицкоски.

Слични вести