По синоќешниот земјотрес од 4,6 степени што ги вознемири граѓаните, професорот Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет (ПМФ) излезе со смирувачка порака и научно објаснување за потресот. Рече дека нема место за паника, туку се работи за природен геолошки процес на „немирната“ Шар Планина.
„Ништо страшно, немирната Шар Планина, уште се извишува, макар можеби само за десетина милиметри (одеднаш, што и не е малку). Нека си тера таа како што тера со милиони години, малку по малку, а ние може да си одмориме“, напиша професорот во објава на Фејсбук.
Тој вели дека според тоа што го знае и работи, за тектониката на Шар Планина и поширокиот регион, нема никакви причини за страв и паника.
„Пред спиење, само можам да кажам, врз основа на она што го знам и сум го работел за тектониката на Шар Планина и поширокиот регион (сепак сум геоморфолог, не сеизмолог), дека навистина нема причини за страв или паника, ниту на подрачје Тетово-Гостивар, а уште помалку кон Скопје и други делови од Македонија подалеку од Шарскиот предел. Дури и да здрма пак, шансите за нешто опасно и ризично од овој земјотрес (или евентуални последователни) се речиси никакви (поголеми шанси се од паника и страв да си се повредиме)“, напиша Милевски.