Над 1.200 парчиња различна стока без соодветна документација биле пронајдени во товарно возило во кумановско, а 36-годишен жител на село Гошинце бил лишен од слобода поради сомнение за криумчарење.
„На 17.09.2026 околу 19:50 часот, од страна на полициски службеници од ПС за ГП и ГН Белановце при РЦГР Север од слобода е лишен С.С. (36) од с. Гошинце, поради основано сомнение за сторено кривично дело ‘криумчарење’ по чл. 278 од КЗ“, соопшти МВР.
Според полицијата, во реонот на село Липково бил даден знак за запирање на товарно возило „мерцедес спринтер“, управувано од 36-годишникот, но тој не застанал и продолжил кон село Отља.
„По преземени мерки од страна на полициските службеници, возилото било запрено. При извршениот преглед на возилото биле пронајдени 320 парчиња текстил, 28 парчиња обувки, 350 парчиња техничка стока, 78 парчиња лекови, 76 парчиња козметика, шест делови за возила и 377 парчиња друга стока, сите без соодветна документација“, наведуваат од МВР.
Известен е јавен обвинител од ОЈО Куманово, а од полицијата информираат дека по целосното документирање на случајот, против С.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.