Полицијата во Прилеп вечерва уапси обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола.
„Фокус“ доби потврда од МВР дека приведувањето е заради постапувањето околу враќањето на пасошот на битолскиот бизнисмен Борче Марковски.
„Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК во моментов врши претрес во дом и службени простории во Вишото јавно обвинителство Битола поради сомнение за сторени коруптивни кривични дела“ велат од МВР.
Потврда стигна и од ОЈО:
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција обезбеди судски наредби за претрес на дом и службени простории на виш јавен обвинител во ВЈО Битола, поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик. Претресите врз основа на обезбедените наредби ги вршат припадници на Министерството за внатрешни работи. Повеќе детали по завршување на дејствијата во текот на утрешниот ден“.
За потсетување, во јуни годинава обвинител од Основното јавно обвинителство – Струга дал негативно мислење за барањето на одбраната на Марковски да му биде вратена патната исправа. По ново барање на одбраната, предметот бил доставен до Вишото јавно обвинителство во Битола, од каде што било наложено да се даде позитивно мислење.
Борче Марковски потоа го доби пасошот и замина во Србија, со образложение дека мора итно да потпише документи поврзани со работата на неговата фирма.
Дека ќе се врати во земјава претходно беше понудена гаранција од околу 5 милиони евра.
На Марковски и на уште неколку лица им се суди за злоупотреби поврзани со јавна набавка во РЕК „Битола“, вредна повеќе од 1,7 милиони евра.