На сметка на распадот на Државна кардиохирургија цвета работата во двете најголеми приватни болници, кои, како што веќе објавивме, кардиохируршките интервенции ги прават на државна сметка. Само во последните шест години, од чекмеџето на Фондот за здравство, за овие две болници се одлеале 105 милиони евра. Од 2019 година наваму, „Жан Митрев клиник“ добила околу 57 милиони евра, додека, пак, „Систина“ околу 47 милиони евра.
Низ вратите на двете приватни болници, низ годините поминале и се оперирале бројни пациенти. Не е тајна дека и во двете болници се работи со вртоглави суми на пари, па може да се заклучи дека и профитот игра голема улога.
Факт е дека материјалите за работа за кардиохируршките интервенции се мошне скапи, но за Државната кардиохирургија е јасно дека тоа оди преку тендери, па, без разлика дали условите се наместени за одредена компанија да ја добие бизнис-зделката, барем се знае која е фирмата и по која цена се наплатени материјалите, кои реално се мошне скапи.
За разлика од таму, тоа се смета како државна тајна во приватните болници. Никој не знае дали и од каде ги набавуваат материјалите за работа, по кои цени и од кои фирми. Досега, такво нешто во јавноста не излегло како податок, а во изјава за „Фокус“, од Фондот за здравство, тврдат дека, без разлика што парите одат преку нив, тие не се обврзани да ги знаат тие информации.
–Приватните здравствени установи се целосно самостојни во постапките за набавка на медицински материјали и опрема што ги користат при кардиохируршките интервенции што се изведуваат на товар на Фондот. Процесот на набавка го организираат и спроведуваат самите установи, согласно нивните интерни правила и процедури.
Фондот за здравствено осигурување не исплаќа посебни средства за материјали, лекови или други оперативни трошоци. Приватните здравствени установи ги фактурираат извршените услуги исклучиво преку ДСГ-методологијата, односно преку утврдени ДСГ групи – една група за еден пациент.
Секоја ДСГ група има референтна цена, која е идентична за сите приватни и јавни здравствени установи со договор со Фондот. Во таа цена се вкалкулирани сите трошоци поврзани со извршувањето на интервенцијата: труд на персоналот, лекови, вграден и потрошен медицински материјал, режиски трошоци, одржување опрема и простор, како и сите други придружни трошоци“, се наведува во одговорот од ФЗОМ.
Инаку и двете болници, со години, имаат свои приватни веледрогерии. Всушност, болницата на Жан Митрев, кој и на хартија фигурира како стопроцентен сопственик, ја има фармацевтската компанија „Фила фарм“, која на бизнис-пазарот е од 2002 година, поточно цели 23 години.
Според податоците од Централниот регистар, како управители на веледрогеријата се јавуваат Емилија Јовановска и Александра Димитровска, која е дипломиран фармацевт. Како нејзина основна дејност е трговија на големо со фармацевтски и медицински производи.
Ако се отвори официјалната веб-страница на веледрогеријата може да се забележи дека соработуваат со огромен број брендови, од каде што се набавуваат разни материјали и лекови.
„Почнувајќи од 2002 година изградивме бренд што е посветен на промовирање и дистрибуција на уникатни, напредни и иновативни брендови од медицинската технологија во дијагностика, превенција и лекување.
Нашата амбиција не лежи само во подобрување на здравствената заштита преку иновативни решенија, туку и во комплетна поддршка на нашите партнери преку сервис, едукација и консултации.
Нашето мото „Го носиме светот дома“ е цел што успешно ја постигнуваме благодарение на тимската работа, посветеноста, стручноста и долгогодишното искуство на високоорганизираниот тимски персонал“, се наведува на страницата на „Фила-фарм“.
Сепак, тука е и уште една фирма за фармацевтски производи, и тоа на Орце Камчев. Таа на бизнис-пазарот се појавува многу подоцна, односно на 29 октомври 2018 година, а како нејзини сопственици фигурираат „Орка Холдинг“ и Друштво за градежништво „Делта 2015 Констракшн“, со кое управува кардиохирургот Александар Николиќ, кој истовремено е управител на „Делта Медикал“ заедно со Гордана Ѓорѓиевска и Виктор Јакимовски.
Ирена МУЛАЧКА