Романскиот претседател Никушор Дан денеска, по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека неодамнешните напади врз трговски бродови во Црното Море претставуваат обид на Русија да го дестабилизира источното крило на НАТО и да ја ослаби поддршката за Украина.
Дан не даде дополнителни детали за бродовите што неодамна беа погодени во романските територијални води и во нивна непосредна близина, наведувајќи дека повеќе информации ќе бидат достапни откако ќе завршат тековните истраги.
„Заедно со нашите сојузници од НАТО, имаме обврска да го браниме секој педа од нашата територија, вклучително и нашите води и воздушен простор. Ситуацијата во Црното Море е сериозна. Трговски бродови се напаѓаат и се потопуваат. Поморци ги губат животите, се повредуваат или исчезнуваат, и тоа многу блиску до бреговите на Романија и Бугарија. Ова е неприфатливо и мора да престане. Загрозени се човечки животи, глобалната трговија и критичната инфраструктура. Заедно се залагаме за безбедно и отворено Црно Море – за Романија, Бугарија, Европа и за целиот свет“, напиша Дан на платформата X.