Албанскиот претседател Бајрам Бегај повика на смиреност и изрази подготвеност за дијалог со демонстрантите во Тирана и другите градови во земјата.
„Албанија е наша заедничка татковина. Таа е дом на сите. Ги следев протестите, барањата, но со жалење – и насилните дејствија во последните два дена. Гласот на секој граѓанин мора да се чуе, особено гласот на младите луѓе, кои ја претставуваат надежта и иднината на нашата земја. Сепак, насилството не е и никогаш не може да биде решение. Тоа му штети на општеството, ја нарушува безбедноста на граѓаните и го поларизира демократскиот соживот“, рече претседателот на Албанија.
Тој додаде дека во овој момент на земјата и се потребни смиреност, одговорност и дијалог. Бегај повика да се слушнат едни со други за да се најде решение во интерес на граѓаните и Албанија.
„Апелирам до сите да избегнуваат насилство и да не дозволат тензиите да го нарушат уставниот поредок и стабилноста на земјата. Ги охрабрувам силите на редот и законот во нивните исклучително деликатни должности и им посакувам брзо закрепнување на секое повредено лице – полицаец или демонстрант“, рече албанскиот претседател.