Претседателката Сиљановска-Давкова потпиша одлука за ангажирање на Армијата во справувањето со пожарите

by irena 19:52
19:52

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, согласно Законот за управување со кризи, потпиша одлука за учество на дел од Армијата во гаснењето на пожарите, информираат од нејзиниот Кабинет.

Ангажманот на припадниците на Армијата следи по прогласувањето кризна состојба од страна на Владата.

Генералштабот на Армијата ќе го одреди начинот на нејзиниот ангажман.

„Претседателката е во тек со состојбата со пожарите и изразува загриженост и сочувство со засегнатите сограѓани“, стои во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата, со ангажман на вкупно 157 припадници, активно учествува во гаснењето на повеќе позиции. Приоритет е пожарот кај касарната Ѓорче Петров, каде што се ангажирани 60 припадници. Во село Николиќ се распоредени 60 припадници, во Крива Паланка дејствуваат 30 припадници, а една екипа од АБХО е ангажирана на пожарот во Визбегово.

По барање на ЦУК, грчки канадери веќе дејствуваат на пожарот кај с. Николиќ, во близина на Дојран, заедно со две грчки противпожарни екипи.

„Ер тракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување дејствува во Крива Паланка, додека хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи е упатен кон селото Орман, општина Ѓорче Петров.

Од ЦУК информираат дека до 18:00 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се активни, а четири се изгаснати.

Слични вести