Претресите од акцијата на ОЈО ГОКК сè уште траат, деталите за криминалот со даночно затајување ќе бидат соопштени утре

by irena 20:10
20:10

Претресите во рамките на акцијата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), насочена кон лица осомничени за сериозни финансиски злоупотреби, се сè уште во тек. Акцијата е насочена кон лица кои се сомневаат за даночна измама и даночно затајување од поголеми размери, како и за перење пари и злосторничко здружување.

Според информациите од Обвинителството, претресите се спроведуваат под директно раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК. Истражителите, заедно со полициски службеници од Министерството за внатрешни работи, вршат претреси на повеќе локации низ државата. Целта на акцијата е обезбедување лица осомничени за организирана криминална активност и прибирање на докази поврзани со нивните дела.

Некои медиуми, повикувајќи се на свои извори, објавија дека меѓу приведените се и вработени во Управата за јавни приходи (УЈП), но ова дополнително ќе биде потврдено откако Обвинителството ќе ги објави официјалните информации.

Обвинителството најави дека сите детали за акцијата ќе бидат соопштени утре, откако ќе завршат тековните претреси и ќе се соберат првичните информации. Според раководството на ОЈО ГОКК, истражителите дејствуваат согласно законските овластувања, со цел целосно и темелно да се расчистат сомневањата за даночни и финансиски злоупотреби.

Слични вести