Препораките на ОБСЕ/ОДИХР основа за измените на Изборниот законик

by jadranka 19:34
19:34

Препораките на ОБСЕ/ОДИХР ќе претставуваат клучен темел за идните измени на Изборниот законик. Тие се содржани и во Нацрт-верзијата на Министерството за правда која денеска им ја подели на членовите на работната група како основа за сите измени што се планира да се направат. Од нив се очекува во наредните две недели детално да ги анализираат во политичките партии и да подготват свои предлози и сугестии, по што повторно ќе се сретнат и ќе пробаат да ги усогласат ставовите.

„Реформите во изборното законодавство бараат политички дијалог и широк консензус. Само преку заеднички пристап можеме да изградиме стабилен, кредибилен и фер изборен систем. Нашата цел е современо законодавство, усогласено со меѓународните стандарди, и поголема доверба на граѓаните во изборниот процес“, соопштија од Правда, по состанокот на работната група што се одржа попладнето.

Во Министерството очекуваат предлози и од Државната изборна комисија, со кои се сретнале деновиве. Ќе следуваат состаноци и со Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот завод за ревизија, како и со претставници на граѓанскиот сектор.

Дали ќе се донесе нов или ќе биде изменет сегашниот Изборен законик, зависи од тоа дали на состаноците на работната група ќе се промени повеќе или помалку од една третина. Доколку опфатот на измени е поголем од една третина, тогаш ќе се оди со целосно ново законско решение.

Меѓу барањата на партиите се промена на бројот на изборните единици, намалување на бројот на пратеници, отворени листи и поинаква распределба на платеното политичко рекламирање.

Слични вести