Светската премиера на документарецот “Силјан” , дело на нашата режисерка Тамара Котевска и потенцијален кандидат за Оскар, доживеа дебакл во единственото кино во Велес. Прикажувањето на документарнито филм во изминатите три дена во три термини го следеле околу 40 гледачи.
„Велес беше единствен град во светот кој им понуди на велешани и на Македонија премиерно издание на оваа длабока, трогателна и емотивна драма која на реален и суров начин ја опишува голготата на најголем број од македонците- земјоделци кои доживуваат своевидна животна драма низ процесот на проиводство на храна. На совршен начин е оживеана бајката за Силјан Штркот од Марко Цепенков и брилијантно ја опишува најголемата заедница на штркови во кочанското село Чешиново. Срам да ни е ! Културата на колена! После се, прашањето е дали Велес заслужува кино! Велес останува само град на питијадата! Браво за Тамара! Велес беше првиот и финален чекор од каде Силјан ќе прелета во далечната Америка за да раскаже уште една моќна и тажна македонска приказна!“, напиша Игор Мислев, планинарски активист и советник во Општина Велес.
Од 22-28 септември со по три проекции на ден, во Киноверзум во Велес се прикажуваше документарниот филм на Тамара Котевска „Силјан“. „Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за Најдобар странски филм за 2026, a неодамна „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци го откупи за прикажување.
Котевска има 2 номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој заедно го режираше со Љубомир Стефанов, а кој во 2020 имаше историски две номинации – и за најдобар странски филм и за најдобар документарец.
„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.
Светската премиера на „Силјан“ беше на 29 август, вон конкуренција за награди во официјалната селекција на 82. Венециски фестивал. Филмот ја доби независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм, една од 42-те различни паралелни награди кои ги доделуваат организации кои не се поврзани со Венецискиот фестивал, за нив одлучува независно жири и за нив се квалификуваат сите филмови кои играат во официјалните програми на Венеција, без оглед дали се во или вон конкуренцијата за награди.