Добрите страни на хибридните напади- Не може да се запали необезбедена депонија, ако не постои необезбедена депонија

Од тоа што Македонија наводно станала мета на хибридни напади од странски центри на моќ од една страна треба да сме загрижени, оти сме нели мета на моќни сили. Од друга страна, треба да се радуваме, оти ова е доказ дека ние не сме толку небитни колку што си мислиме, штом ете, некои професионални креатори на проблеми седнале да испланираат акции и стратегии за да ни наштетат и плус потрошиле ресурси за да ангажираат луѓе и опрема за да ги изведат тие хибридни напади. Што не се жали Сан Марино или Андора на хибридни напади? Што ќе се жалат, кој има потреба нив да ги напаѓа? Што му вреди на Монако што има море, сонце, песок и казина во кои се коцкаат милијардери и актери од светскиот џет-сет, кога нема хибридни напади врз таа мала државичка? Какви држави се мета на хибридни напади? Америка, Велика Британија, Франција, Македонија. Па ако се земе во какво друштво нѐ ставаат тие, и да немаше хибридни напади врз нас, требаше да измислиме дека има.

by valentina 12:56
12:56

Текстот е објавен во неделникит ,,Фокус” , во бројот 1563, на 17 септември 2025 година.

Пишувал: Нено БОГДАН

Кога пред десет години тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ беше соочена со скандалот од кој произлегоа бомбите на Зоран Заев, еден од начините да се скрене вниманието на јавноста од суштината на таа срамна работа беше да се обвинат одредени центри на моќ кои го добија името „странски служби“ кои наводно ја организирале целата афера со незаконското прислушување.

Деновиве, таа алатка пак беше извадена од истите мајстори (поточно тогашни чираци, а сега газди на вмровскиот политички дуќан) па за пожарите кои зафатија неколку депонии и складови за опасен отпад, од редовите на власта дојде тезата дека станува збор за добро испланирано дело на центри во државата и надвор од неа, и дека Македонија во суштина е мета на хибридни напади.

Лично Христијан Мицкоски, премиер и лидер на на ВМРО-ДПМНЕ излезе со таква изјава, а самиот Венко Филипче, лидерот на опозицијата се јави со реакција дека премиерот само измислува и бесрамно лаже. Значи не се препукуваат портпароли, туку цели лидери се зафатија со темата.

Дали агентите на странските служби во жолти комбиња возат низ локациите каде веќе има расфрлано опасен отпад и го палат не знаеме, ама се мисли на нешто такво. Како што во 2015-та власта сакаше да не се обрнува внимание на криминалот за кои се зборуваше во снимките, туку за начинот на кој тие снимки се нашле во рацете на опозицијата, така и сега не е темата зошто воопшто има необезбедени депонии и магацини полни со токсични материјали кои никој не ги држи под надзор, туку се бара јавноста да поверува дека фамозните странски служби повторно сакаат да ја срушат владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Ако волците наидат на село без кучиња, лесно ќе ги исподават сите овци. Кога странските служби ќе наидат на држава каде елементарни стандарди за менаџирање со опасен отпад не се применуваат, и тие лесно ќе изведуваат хибридни напади. Кому му треба креирање на ново Диво Насеље кога веќе има диви депонии колку сакаш низ земјава?

При толку жалење за хибридните напади на кои се најде изложена државава и препирки дека власта само лаже и бара изговори за својата мрзливост и неорганизираност, никој не се запраша дали можеби има и некои добри страни во сето тоа.

Оти, не е секоја држава мета на хибридни напади.

ГИ НЕМА НА СПИСОК

Во времето кога Заев ги објавуваше неговите бомби, некои луѓе кои до тогаш се замислуваа дека биле некој фактор во редовите на критичарите на режимот на Никола Груевски беа разочарани, па дури и навредени кога сфатија дека нив никој не ги прислушувал.

Некои од нив по кафеаните објаснуваа дека можеби не се сите снимки доставени од свиркачите во редовите на тајната полиција до опозицијата, па тие иако биле нон стоп прислушувани (оти реално се големи непријатели на режимот) сега само заради тоа ги нема никаде на списоците на лица следени од страна на МВРО-ВМРО. Тоа не значи дека не биле дисиденти, туку ете, нивните снимки се сѐ уште скриени во некои тајни сефови, и еден ден, кога ќе дојде втор бран бомби, дури тогаш ќе се види од кого навистина им се треселе нозете на главатарите во Белата палата, седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Поуката од ова е дека ако си мета на непријателот, тогаш колку што треба да се секираш, толку треба и да се радуваш, оти тоа е доказ дека си битен фактор. Ако пак не си мета, колку што ти олеснува на душичката, до некаде и треба да те загрижи оти тоа е доказ дека не си доволно вреден ни да те стават на дното на списокот за отстрел, а не па да се занимаваат на друг начин со тебе.

Што пак нѐ води до првиот бенефит од тоа што Македонија наводно станала мета на хибридни напади од странски центри на моќ. Од една страна, треба да сме загрижени, оти сме нели мета на моќни сили. Од друга страна, треба да се радуваме, оти ова е доказ дека ние не сме толку небитни колку што си мислиме, штом ете, некои професионални креатори на проблеми седнале да испланираат акции и стратегии за да ни наштетат и плус потрошиле ресурси за да ангажираат луѓе и опрема за да ги изведат тие хибридни напади.

Што не се жали Сан Марино или Андора на хибридни напади? Што ќе се жалат, кој има потреба нив да ги напаѓа? Што му вреди на Монако што има море, сонце, песок и казина во кои се коцкаат милијардери и актери од светскиот џет-сет, кога нема хибридни напади врз таа мала државичка?

Какви држави се мета на хибридни напади? Америка, Велика Британија, Франција, Македонија. Па ако се земе во какво друштво нѐ ставаат тие, и да немаше хибридни напади врз нас, требаше да измислиме дека има. Тоа нешто нѐ вбројува во редот на глобалните играчи. Како што ние и Кинезите заедно сме милијарда и кусур луѓе, така и ние и Американците заедно стоиме во првите редови во борбата за одбрана на слободниот и демократски свет.

ДИРЕКТНО ИЛИ ДИСКРЕТНО

Втор бенефит од тоа една држава да е мета на хибридни напади е што тоа е јасен показател за нејзината сила и јачина, штом непријателите не се осмелуваат директно да ја нападнат со отворен напад, туку мораат дискретно да ја напаѓаат онака на ситно, од страна и подло, со комплицирани и тешки за откривање на изворот од кој дошле, хибридни удари.

Како вели онаа изрека, ако те напаѓаат од зад грб, биди среќен, оти тоа значи дека се плашат да ти излезат пред очи, оти премногу си силен за нив.

Значи, држава која ја напаѓаат душманите на хибриден начин, не само што со тоа докажува дека е битна и достојна за неа да се троши енергија, туку и дека е силна и способна да се одбрани од класичен напад, па затоа мора стриктно хибридно да се удри врз неа.

Па тоа дури и како комлимент може да се сфати! Комплимент кој треба да нѐ израдува на ист начин како во славната сцена од филмот „Глупав и поглупав“ каде главниот лик се израдува кога на прашањето што го упати до девојката која ја сакаше за тоа колкави се шансите тие двајца да стапат во љубовна врска, доби одговор дека тие шанси се една во милион и неговата реакција беше дека со тоа му признала дека сепак има некаква шанса.

Да бевме сами на глобалната политичка сцена, јасно е дека странските служби контролирани од центрите на моќ немаше да мораат да се кријат зад некои хибридни напади кога ни нанесуваат штета, туку директно и отворено ќе се нафрлеа врз нас. Арно ама, не се осмелуваат, оти знаат дека не само што не сме сами, туку имаме и моќни сојузници.

Кога децата ќе се степаат во некоја детска игра која излегла од контрола, не ретко се случува она дете кое го извлекло подебелиот крај да се пожали кај својот постар брат па тој да го начека некаде она дете кое победило во тепачката и да му се закани со зборовите: што си го закачал ти брат ми бе, мрсул еден, знаеш ли сега што ќе ти направам?

Сигурно кога ќе се пожали во Брисел или Вашингтон нашиот премиер кај нашите сојузници и тие ќе испратат опасни батки да стапат во контакт со центрите на моќ кои нѐ напаѓаат за да им речат: што сте го закачале хибридно нашиот сојузник и регионален стратешки партнер, бе мрсули едни, знаете ли сега што ќе ви направиме?

Или можеби кога ќе чујат во што конкретно тој препознал хибриден напад (запалени депонии) ќе му се изнасмејат и ќе му кажат тие муабети за по дома да ги чува и да ги раскажува пред сопствената јавност, оти сериозни луѓе како нив на тие финти не паѓаат.

СЕ РОДИЛО, ПА ЌЕ ГО ЛУЛАМЕ

Во кумановскиот дијалект, врз кој силно влијание имаат српските дијалекти, постои изреката „родило се, ќе га љуљамо“ што на литературен македонски јазик преведено и дообјаснето би му дошло нешто како „штом ни се родило бебе, какво и да е, нема што друго да правиме освен да го луламе и да се грижиме за него“.

Така некако треба да се гледа и на случувањата кои некои сакаат да ги наречат хибридни напади, а некои упорно одбиваат да им го дадат тој ранг на значење. Сепак, што и да е вистина, сеедно е.

Ако се запалила некоја депонија спонтно или поради нечие невнимание, по што цел град бил покриен со смрдлив и отровен дури чад, ќе мора да се изгасне навреме и потоа да се преземат превентивни мерки тоа нешто да не се повтори. А што ако се запалила депонијата како дел од некој добро испланиран хибриден напад? Исто, ќе мора да се изгасне навреме и потоа да се преземат превентивни мерки тоа нешто да не се повтори.

Баш како што бебенце може да се појави во некое семејство непланирано или планирано и посакувано со години, ама како и да е дојдено, мора да биде добредојдено, така и пожарите и другите видови опасни случувања мора да се третираат идентично, без разлика дали се случајни или предизвикани. Родило се, ќе га љуљамо. Запалило се, ќе га гаснемо. Ако се родило, ќе го луламе. Ако се запалило, ќе го гаснеме.

Каде е третиот бенефит тука ако непријатните случувања се дел од хибридна војна? Па, баш како што децата кога се очекувани и планирани многу е послесно да се пречекаат кога ќе дојдат на овој свет, така и со непријатностите е многу полесно човек да се справи кога не се случајни, туку се дело на еден центар.

Ако сакаш некој да престане да врши хибридни напади врз тебе, најмудро е да седнеш со него и да се договориш за примирје, нешто да му дадеш, за нешто да добиеш во замена, имено прекин на нападите. Ако тоа што го бара не можеш да му го дадеш, друга опција е и ти него да го напаѓаш со хибридни напади, па да види дека за секој напад врз тебе и тој ќе трпи напад, па ако сака да живее тој во мир, треба да ти дозволи и тебе да живееш во мир.

Но, што ако непријатните случувања се сосема спонтани и не се дел на добро организиран хибриден напад. Со кого ќе преговараш за прекин на нападите? Кому ќе му возвратиш со цел да извршиш притисок? Нема никој од другата страна, оти нема друга страна.

Затоа е убаво и е бенефит ако веќе се случуваат непријатни нешта тие да се дел од некое сценарио кое го исполнува некој центар. Имаш со кого да преговараш. Ако сѐ е случајно, таа опција ја немаш и мораш да се справуваш од случај до случај со случајните случувања.

Конечно, четвртиот бенефит од хибридните напади е што тие ретко се решавачки и нанесуваат катастрофален удар од кој нема оздравување. Затоа, со секој таков напад со кој ќе се справиме ние собираме искуство и стануваме сѐ посилни. Секој иден хибриден напад, за да ни наштети, ќе мора да биде појак од претходниот.

Интересно, ова важи и за непријатностите кои не се хибриден напад, туку чиста случајност. Ако некој подметнал пожар на депонија и надлежните служби го изгаснат, тие така ќе научат како се гасне подметнат пожар. Ако пожарот на депонија спонтано започнал, и службите го изгаснат, ќе научат како се гасне спонтано започнат пожар. Сеедно, ќе научат како се гасне пожар.

А ако навистина се мудри, ќе научат дека многу работи е полесно да се спречат, отколку да се лечат. Ако некое бебе се родило, ќе мора да се лула. Ама ако не се родило, нема кого да луламе. Се додека постојат необезбедени депонии, тие ќе се палат, дали спонатно или некој што работи за странски служби ќе ги пали како дел од хибридна војна, сеедно е. Ако нема необезбедени депонии, нема да може да се палат необезбедени депонии.

Можеби тогаш ќе се палат само обезбедени депонии, ама барем тогаш ќе знаеме кој е крив, оти обезбедувањето и снимките од камерите ќе ни кажат дали било спонатно или е намерно. Тогаш ќе знаеме дали ќе треба да почнеме со преговори или ќе треба да престанеме со изговори.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Слични вести