Тензично се одвиваше денешното рочиште за случајот „Пулс“ во судницата во Идризово. По жестока реакција и расправија со одбраната, дел од родителите на загинатите беа отстранети од судницата, а подоцна судењето беше прекинато откако му се слоши на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко.
Тензиите започнаа за време на сведочењето на техничкиот советник Петре Русески, ангажиран од одбраната. Тој зборуваше за објектот во кој функционирала дискотеката и за градежните интервенции направени во него, при што дел од родителите бурно реагираа на неговите наводи.
По дофрлувањата и расправијата со одбраната, судијката Дијана Груевска-Илиевска побара родителите да ја напуштат судницата за да се смири ситуацијата. Некои од нив со солзи излегоа, додека неколкумина останаа да го следат рочиштето. По кратка пауза, со дозвола на судот, родителите повторно се вратија во судницата.
Рочиштето повторно беше прекинато откако на Јованов му се слоши и побара лекарска помош. Тој се пожалил на болки во грбот, како и на нелагодност и болка во градите.
Му бил направен ЕКГ-преглед, при што не биле констатирани знаци на акутна состојба, но била препорачана опсервација и дополнителни прегледи доколку тегобите продолжат.
Поради неговата здравствена состојба, Судечкиот совет го прекина денешното рочиште. Притворот на Јованов истекува на 3 октомври, а неговата одбрана најави гаранција во имот во вредност од речиси 200.000 евра.