Пратеникот и генерален секретар на ВЛЕН, Аднан Азизи, и министерот за економија, Бесар Дурмиши, биле избркани од жителите на тетовските села Селце и Вејце, откако се обиделе да спроведат партиска агитација спротивно на изборниот закон, дознаваат локални извори, пишува Тетово Сот.
Според сведоштва на жители, двајцата функционери пристигнале во населените места со намера да разговараат со мештаните и да побараат поддршка за партијата ВЛЕН пред изборите, но нивното присуство било дочекано со негодување.
„Нема потреба луѓе кои досега не покажале интерес за проблемите на селото да се појавуваат тука во изборен период“, изјави еден од мештаните на Селце, опишувајќи го доаѓањето на Азизи како провокација.
Според информациите, состојбата во редовите на ВЛЕН во Тетово е напната, а дел од членовите изразуваат незадоволство поради бојкотот од поддржувачите на ВМРО, со кои партијата настапува во предизборна коалиција. Внатрепартиските тензии дополнително се зголемиле по серијата неуспешни средби со локалното население во неколку тетовски села.
Од ВЛЕН засега нема официјална реакција за инцидентот.