Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска-Старова не дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје!

by Fokus

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 23 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1094

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Албанскиот премиер Еди Рама, пред две години стави клуч на 18 универзитети, откако пукна аферата дека нагло се купувале дипломи за пари. По откривањето на „бизнисот“, тој нагласи дека образовниот систем е претворен во пирамидална шема на измама, на штета на албанските семејства, а дипломите на затворените универзитети ги нарече безвредна хартија. Според него, тука се вклучени бизнис-интересите на поранешната власт и на сопствениците на приватните универзитети.

По извршената контрола на Министерството за образование се утврдило дека на приватните универзитети во Албанија дипломирале 32.000 студенти, од кои само еден приватен универзитет издал 16.000 дипломи! Според просветните инспектори, дел од студентите си ги плаќале студиите и со дрва за огрев.

За разлика од таму, во Македонија оваа тема се третира како државна тајна или се води под строго доверливо, иако досега неколку министри, директори, професори, пратеници, јавно беа обвинети дека ги фалсификувале или ги купиле своите дипломи. Јавна тајна е дека години наназад купувањето дипломи е продуктивен бизнис и во Македонија и надвор од неа. Тоа стана тренд во последните десетина години, кој никако да се искорени. Дел од луѓето со кои разговаравме тврдат дека цените за да се дојде до диплома, магистерска или до докторска титула се различни. Според нив, најчесто се движат од 5.000 до 15.000 евра, во зависност на кој универзитет и во која држава наводно е купена дипломата. Дури, постојат и специјални интернет страници на кои можат да се нарачаат дипломи по одреден ценовник.

Сепак, во последните неколку години карактеристично за партијата на власт стана и тоа што некои нејзини функционери за да остават впечаток на поучени и со повеќе титули во своите биографии што им се јавно објавени на страницата на Владата или на Собранието да стават податоци за образование кое не го стекнале. Некои од нив, пак, од биографиите ги ретушираат податоците, односно ги вадат информациите дека работеле во одредена институција или фирма, ако таа фирма во меѓувреме ја тресе некоја афера.

ЈА ПИШУВААТ ЛЕКАР, А НЕ ДИПЛОМИРАЛА МЕДИЦИНСКИ

Нола Исмајлоска – Старова е народен избраник во македонското собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Струга. Таа е една од најмладите пратенички во последниот состав, која на 29 годишна возраст седна во собраниските клупи, а беше шеста по ред на кандидатските листи за пратеници во петтата изборна единица, каде што носител беше Антонио Милошоски. Таа, исто така, е член на највисокото раководно тело на ВМРО-ДПМНЕ, односно координатор на Извршниот комитет за партиските комитети на Дебар, Маврово и Ростуше, а членува и во неколку комисии во Собранието, меѓу кои во Комитетот за односи меѓу заедниците, во Комисијата за европски прашања, во Комисијата за култура, а заменик член е и на Комисијата за локална самоуправа. Исто така, Исмајлоска е член е и на неколку пратенички групи за соработка со странски парламенти.

maxresdefault

Исмајлоска имаше неколку настапи досега од собраниската говорница, а постави и неколку пратенички прашања. На собраниската седница каде опозицискиот СДСМ бараше интерпелација од министерот за здравство Никола Тодоров, таа цело време го бранеше и ги демантираше опозиционерите дека македонското здравство никогаш не било во подобра состојба, а лековите никогаш не биле поевтини.

Таа стана позната, откако во јавноста беа објавени конечните кандидатски листи за пратеници на последните предвремени парламентарни избори. Нејзиното име во тој период честопати се споменуваше по медиумите, особено кога се анализираа професионалните кариери на идните пратеници – каков факултет завршиле, на кој универзитет дипломирале, дали во моментот работат. Карактеристично за ДПМНЕ  е тоа што честопати на пратеничките листи ставаат лекари, со оглед на тоа што тие и како професија и како луѓе се ценети од граѓаните, особено во помалите градови.

Во биографијата на Исмајлоска – Старова што е објавена на веб страницата на Собранието можат да се најдат информациите колку години има, од каде доаѓа, какво образование завршила и во колку комисии членува. Меѓу податоците може да се забележи дека пишува оти дипломирала на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За тоа дека дипломирала на Медицинскиот факултет пишуваше и дневниот весник „Вечер“ кога пред една година објави информација за нејзината свадба со Дамир Старова.

Во последните две години, колку што Исмајлоска е функционер во Собранието редовно се вртат муабети дека наводно таа не дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје. „Фокус“ провери дали овие шпекулации се точни и дојдовме до информации дека Исмајлоска не дипломирала и одамна не е активен студент на факултетот. Ваквите информации за нашата редакција ги потврдија и од Медицинскиот факултет. Исмајлоска воопшто не фигурира во податоците на електронскиот систем на оваа високообразовна установа, а со оглед на тоа што е запишана по стариот систем, не се води повеќе како активен студент.

Нола Исмајлоска е студент со последен запишан четврти семестар 2005/2006 година – се наведува во информацијата од Медицинскиот факултет во Скопје.

Според одговорот, можеме да процениме дека пратеничката на факултет се запишала во академската 2003/2004 година. Пратеничката функција е професионална, па Исмајлоска и да има диплома не би можела да работи како лекар.

Се обидовме да стапиме во контакт со Исмајлоска на која и испративме неколку прашања и на нејзиниот официјален имејл, но до затворањето на овој број од весникот од неа не добивме одговор.

ДИПЛОМИ ПОД СОМНЕЖИ

 Во последните неколку години на тапет е ставена и магистерската диплома на екс премиерот Никола Груевски, за кој пред неколку години, во 2010 година во собраниските клупи се водеше жестока дебата меѓу опозиционерите и пратениците од власта. Тој е магистер по економија, а неговиот магистерски труд насловен „Кон излезот“ беше промовиран во ноември 2007 година во МАНУ, во присуство на академици, членови на владата и дипломатскиот кор.

Nikola-Gruevski-Pregovori

Копјата меѓу пратениците се кршеа околу различните биографии кои беа доставени до Собранието, а предизвикаа забуна во јавноста. Сомнежите уште повеќе ги подгреа од СДСМ од каде што тврдеа дека пред 11 години Груевски во биографијата што ја доставил до парламентот навел дека има завршено постдипломски студии, но дека тој податок не фигурира и во неговата биографија од 2006 година. Симптоматично е и тоа што шефот на владата не магистрирал кога беше во опозиција од 2002 до 2006 година, туку дури кога седна на премиерското столче.

Уште едно од контроверзните прашања кои се вртеа околу екс премиерот е за почетоците на неговата професионална кариера во втората половина на 1990-тите години кога почнува да работи во Балканска банка во Скопје (Македонска банка), податок кој тој цело време го крие и не можеше да се најде во неговата биографија ниту во периодот додека беше премиер, ниту сега како лидер на партијата.

Ова прашање повторно стана актуелно во јавноста, откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев презентираше аудио снимка на која наводно се слуша гласот на Груевски како со Ден Дончев и српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ – Нини на криминален начин договарале продажба на Македонска банка. Поради овие тврдења, лидерот на СДСМ седна на обвинителна клупа, а Груевски од него првично бараше сума од 500.000 евра, за подоцна да ја намали на 50.000 евра, колку што судот и му пресуди.

Од скандалите со дипломите не изостана и поранешниот министер за образование Абдулаќим Адеми, кој во периодот на најмасовните студентски протести беше обвинет од албанскиот аналитичар Кастриот Мифтариј дека ја фалсификувал својата диплома. Ваквите тврдења тој ги напиша во колумната „Двајца измамници од Скопје во Тирана“, објавена на порталот „Лајм“.

– Во 1990-тите, индустријата за металургија, основана од Енвер Хоџа, престана со работа. Но, Универзитетот за металургија продолжи да работи за некои луѓе да земаат плата и да продаваат дипломи. Јас знам многу луѓе што работеа на таа катедра за да потврдам дека Адеми никогаш не бил на катедрата. Тој и денес не знае каде се лабораториите, но ги знае само рестораните каде што ги чекал професорите за ручек и вечера, на кои на крајот им давал плик со германски марки за да ги помине испитите – пишуваше во тој период Мифтариј.

Ваквите тврдења воопшто не го засегнаа државниот врв, а ниту пак, надлежните институции за да преземат мерки и да ги проверат овие обвинувања. Единствено Адеми тврдеше дека обвинувањата на негова адреса не се точни, тврдејќи дека тоа се клевети, измислици и лаги.

Инаку, во Македонија расте бројот на докторски и магистерски титули, а институциите надлежни за овој проблем постојано молчат. Пред неколку години, медиумите пишуваа за пратеници, бизнисмени, сопруги на функционери, професори, кои преку ноќ се стекнале со дипломи и со високи научни титули кои ги добиле на приватни универзитети или на универзитети надвор од државата.

Една од нив за која, исто така, се водеше жестока дебата во врска со дипломирањето беше екс пратеничката Силвана Бонева, за која во официјалната биографија што е објавена на веб страницата на Собранието пишува дека дипломирала право на Европскиот Универзитет и дека има завршено прв степен правни студии на Правниот факултет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Пред неколку месеци повторно се отвори прашањето за дипломата на екс координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во периодот пред таа да биде избрана за член на Државната изборна комисија. Од опозициската партија поднесоа барање до Комисијата за прашања на изборите и именувањата, барајќи во најкус можен рок да им биде овозможен пристап до оригиналната диплома и уверение за завршен седми степен стручна подготовка на Бонева.

Претходно, во една од „бомбите“ што ги објави Заев можеше да се слушне аудио-снимка помеѓу тогашната пратеничка Бонева и Надица Танчева-Тулиева во која тие договараат запишување на Бонева на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Нема информации што во меѓувреме се случило и дали Бонева воопшто се запишала на тој универзитет. Но, како и да е, во прислушуваните разговори може да се слушне како другата пратеничка ја убедува дека ќе се среди работата затоа што таму биле само нивни луѓе.

Пред неколку години скандал го тресеше и Министерството за одбрана, кога во јавноста излегоа информациите дека Лилјана Стериовска, член на НСДП, која во тој период беше во коалиција со ДПМНЕ, ја фалсификувала дипломата од Економскиот факултет во Белград. Во 2008 година беше објавено дека Стериовска со фалсификувана факултетска диплома во 2006 година станала државен секретар во Министерството за одбрана. Во тој период, полицијата дури и поднесе и кривична пријава, затоа што го фалсификувала документот, со кој наводно дипломирала на факултетот во Белград. Како и сега, ниту тогаш Владата и Министерството за одбрана не сакаа да го коментираат обелоденувањето на оваа афера. Истрагата открила дека Стериовска за да го добие работното место во министерството приложила диплома за завршен факултет од 1993 година.

Пред осум години, кога „вмровците“ дојдоа на власт под сомнеж беше ставена и дипломата на пратеникот од ДПМНЕ, Александар Флоровски, кој завршил на Американскиот универзитет во Благоевград. Во тој период изби голем скандал со повеќе спорни дипломи на функционери од ВМРО-ДПМНЕ и од ДПА. Во целиот случај тогаш се вмеша и Министерството за внатрешни работи, кое испитуваше дури 200 сомнителни дипломи, кои на нивна адреса дошле од Министерството за образование и наука. Најголемиот скандал тогаш се случи на Економскиот факултет, при што за првпат јавно се проговори за овој проблем. Според пишувањата на медиумите, таму имало случај со 24 фалсификувани дипломи од странски универзитети, кои чекале на нострификација.

Во период кога владата на ВМРО-ДПМНЕ веќе десет години го „реформира“ образованието, владеачката политичка елита се кити со нови и нови академски титули. Како и да е, редно време е надлежните институции да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа. Како што тргнала работата, ќе станеме држава на магистри и доктори на науки. Што е многу, многу е.

Рамка:

ЃОРЧЕВ И ДИМОВСКИ СТУДИРАА СО ГОДИНИ

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и пратеникот Влатко Ѓорчев како што пишуваа медиумите, дипломирале на Правниот факултет „Св. Кирил и Методиј“. Сепак, во официјалната биографија на Ѓорчев, на сајтот на Собранието таквиот податок не може да се најде. Факултетската диплома на пратеникот Ѓорчев честопати во Собранието беше користена од опозицијата за негова дискредитација. На таа тема Ѓорчев има водено жестоки полемики со пратеникот на СДСМ, Владо Бучковски, кој истовремено е и професор на Правниот факултет во Скопје. Бучковски не пропушташе прилика да не го потсети помладиот колега дека се уште го нема оформено образованието и дека долго време е апсолвент. Долги години апсолвент беше и Димовски.

Рамка:

ПРАТЕНИКОТ ИМЕРОСКИ ДИПЛОМИРАЛ ВО ПЛОВДИВ

 Фатмир Имероски е пратеник од Дебар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, член е на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и координатор за општинските комитети за Теарце, Јегуновце и Брвеница. Тој е еден од пратениците што завршиле факултет надвор од границите на Македонија. Според неговата официјална биографија, Имероски е дипломиран менаџер по економско управување на Факултетот за економија и менаџмент В.У.А.Р.Р. во Пловдив, Бугарија. Според веб-сајтот на оваа установа, станува збор за Вишата школа за агробизнис и развој на регионите, која има програма за студирање на дистанца.

Имероски, пред две години, заедно со неговата колешка Исмајлоска лично се обратија до реисот на ИВЗ, Сулејман Реџепи навредени од неговата изјава за Македонците муслимани, дека ни самите за себе не знаат кои се и што се.

Кој сте Вие почитуван реису за да си дозволите да не навредувате? Кој сте вие почитуван реису за да си дозволите да не асимилирате? Зар вие повеќе знаете за нас од нас самите? – се тврдеше во нивното отворено обраќање до реисот.

Поврзани новости