Пожарот во стомакот на пациентка втор од ваков вид во Македонија: Дигестивна хирургија има видеоснимка од операцијата, но директорот Караѓозов го крие скандалот!

by Fokus 22:00
22:00

Текстот е објавен на 10 февруари, 2017 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1114

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

- Advertisements -

Партијата на власт, пред една недела излезе со соопштение во кое тврди дека македонскиот здравствен систем е меѓу првите 20 најдобро рангирани здравствени системи во Европа, со што зад себе ги остава земјите, како Италија, Ирска, Унгарија, Полска, Литванија, Романија и Бугарија, враќајќи со контрасоопштение на опозицискиот СДСМ, кој тврдеше дека Македонија е во врвот во Европа по смртни случаи во здравството.

Но, ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение „заборави“ да каже дека Македонија е предводник и го зазема првото место во Европа и во случајот со 69-годишната пациентка од Скопје на која среде операција во средината на декември лани, на скопската Клиника за дигестивна хирургија и избил пожар во стомакот, за кој пишуваше „Фокус“. Откако во металната боца со која се пумпа медицински гас во стомакот за потребите на операцијата, наместо јаглероден диоксид, по грешка и бил ставен кислород, дошло до оган, кој за среќа, со присебна интервенција на медицинскиот персонал бил запрен.

Според истражувањата на лекарите, ова е втор ваков случај во светот, а единствен во Европа, со што скопската клиника, а и македонското јавно здравство повторно го зазедоа шампионското место.

Иако овој случај предизвика бројни реакции во јавноста, сепак тоа не беше доволно надлежните институции да реагираат и да го откријат виновникот за огнот во стомакот на пациентката, кој можел да биде кобен за нејзиниот живот. Според досегашната пракса, ваквите проблеми секогаш се ставаат под тепих, сметајќи дека на тој начин институциите ќе се заштитат од критиките на јавноста. И по две недели, Министерството за здравство упорно молчи за случајот, но молчи и првиот човек на клиниката за дигестивна хирургија, доктор Александар Караѓозов, кој упорно се труди да го затвори случајот, исто како да не постоел. Но, нели, вистината е како шило!?

ПЛАМЕНОТ БИЛ УГАСНАТ СО БОЦА ЗА ГАСНЕЊЕ ПОЖАР

Како што веќе пишувавме, скандалот се случил пред два месеца на скопската Клиника за дигестивна хирургија, кога при рутинска лапароскопска операција на жолчка кај 69-годишната С.В. од Скопје ѝ избил пламен од стомакот. Според процедурата, пред да почне оперативниот зафат, стомакот се полни со медицински гас до постигнување одреден притисок внатре во стомачната празнина и стомачниот ѕид се подига како шатор каде што се добива простор за интервенција, за хирургот да може слободно да работи. Лапароскопската операција е позната по тоа што хирургот не прави вообичаен рез, туку преку два мали отвори влегува со сонда и камера за да го изведе оперативниот зафат, кој се набљудува на екран.

До пожарот дошло откако тимот што требало да ја изврши интервенцијата, во стомакот на пациентката која била под целосна анестезија ставил медицински гас, но наместо потребниот CO2 (јаглероден диоксид), металната боца по грешка била полна со кислород, кој го предизвикал пламенот. И покрај сѐ, операцијата е завршена, а скопјанката во моментот е во добра здравствена состојба и е пуштена на домашно лекување.

Една недела по објавувањето на текстот продолжува развојот на настаните што излегуваат од операционите сали на Абдоменалната клиника. Нашите извори информираат дека пламенот во стомакот на пациентката се случил при крајот на интервенцијата. Тој ден во декември лани се одвивал вистински хорор во операционата сала на клиниката, а хирургот што го извршувал оперативниот зафат и медицинскиот тим што му помагал биле во тотален хаос од глетката што се одвивала пред нивните очи. Според нашите информации, екипата брзо реагирала, а пламенот бил изгаснат со боца за гасење пожар.

Тоа што се случи е страшно, дури немам зборови ниту да опишам што се сѐ одвивало во операционата сала. Ниту пациентката, а ниту членовите на нејзиното семејство знаат за случувањата што можеа да бидат кобни за нејзиниот живот, плашејќи се клиниката на тој начин да не заработи тужба. Власта секојдневно се фали со најдобар здравствен систем, а пациентката можеше да изгори за време на операција и што е најстрашно, сите го кријат случајот – велат нашите извори од Клиниката за дигестивна хирургија.

Иако првичниот план бил случајот да се сокрие и помалку луѓе да дознаат за него, сепак работите не се одвивале според замисленото. Лошите вести брзо се шират, па така и вестите за тоа што и се случило на 69-годишната С.В. во операционата сала се прошириле со брзина на светлината меѓу абдоменалните хирурзи и вработените на клиниката, кои останале вџашени и од самата случка, како и од начинот на кој се одвивал целиот оперативен зафат. Директорот на клиниката, Караѓозов во првиот момент кога разбрал за настанот го споделил со само неколку од колегите што му се блиски и во кои има максимална доверба, барајќи од нив случајот да не се шири меѓу другите вработени во болницата.

Абдоменалниот хирург чиј идентитет одлучивме да не го откриваме и е добро познат на јавноста и за „Фокус“ веќе го потврди случајот, но додаде дека на време било реагирано и спречено да се случи поголема трагедија. Повеќето од неговите колеги со кои разговаравме тврдат дека ако тој имал поголемо искуство во медицината ќе можел да препознае – каков медицински гас имало во металната боца, па воопшто немало да дојде до огнот, но дел го тврдат обратното, дека кај него нема никаква вина, затоа што тој не можел да знае каков медицински гас има во боцата.

Според нашите извори, дополнителен проблем на клиниката настанал кога еден од хирурзите побарал од директорот да ја види видео – снимката од операцијата за да знае што точно се случило, како се одвивал целиот процес и каде била грешката, но директорот не им дозволил.

ИМА ВИДЕОСНИМКА ОД ПОЖАРОТ

Сепак, тоа отвора ново поглавје во случајот со опожарениот стомак на 69-годишната скопјанка на Абдоменалната клиника, со што видеоснимката од извршената операција може да претставува дополнителен доказ за да се отвори истрага или да се види што точно се случило и каде е грешката. Снимката од лапарскопската операција може да се најде во архивите на клиниката, а ваквите снимени видеоматеријали се задолжителни од пред четири години, поточно од 2013 година, кога министерот за здравство Никола Тодоров донесе закон со кој сите јавни здравствени установи се обврзани да ги снимаат сите ендоскопски и лапароскопски операции, а кој тоа не го прави ќе заврши една година зад затворски решетки.

Снимките ќе се чуваат во база и ќе им користат на студентите по медицина и на специјализантите, а од друга страна, ќе може на барање да се прегледаат од стручни лица ако постои сомневање за лекарска грешка или компликација настаната од операцијата. Задолжително ќе се снимаат сите операции кои се изведуваат со апарати со вградени камери кои снимаат автоматски – изјави во тој период министерот Тодоров.

Според тоа, можеме да заклучиме дека Клиниката за дигестивна хирургија во една од фиоките ги чува видео снимките од сите лапароскопски операции меѓу кои сигурно е и снимката на операцијата на опожарената пациентка, со што се уште се остава простор надлежните институции да направат истрага и да откријат кој е виновникот за тоа што и се случи на 69-годишната скопјанка. Меѓутоа, за да не се крева прашина во јавноста, клиниката во декември одлучила да не покренува никаква истрага, ниту пак случајот да го пријавува во полиција, но затоа, пак, Основното Јавно обвинителство може да реагира по допрен глас, со оглед на тоа што се работи за скандал од невидени размери.

Од друга страна, никаква истрага не покренува ниту Министерството за здравство. За тоа што се случувало на Клиниката за дигестивна хирургија во декември, ресорното министерство дозна откако пред две недели им испративме мејл за да ги прашаме дали се запознаени со случајот и какви мерки ќе преземат за негово расчистување. Од ресорното министерство не добивме одговор, но нашите извори тврдат дека шефот на кабинет на Тодоров, Ангел Митевски, побарал од вработените да се слушнат со директорот на клиниката да го прашаат за што се работи и што точно се случувало на клиниката со која раководи.

Според нашите информации, директорот кратко одговорил дека нема никаков проблем, дека тој има многу работа и нема време да се занимава со вакви прашања и потпрашања, кои само го нарушуваат угледот на болницата. Во последните две недели откако „пукна“ аферата тоа било единственото нешто што го презело ресорното министерство, со оглед на тоа што ако таков случај имаше во било која друга европска земја ќе имаше истраги, ќе се поднесуваа оставки и нормално, ќе имаше одговорност, морална, но и кривична.

„Фокус“ по вторпат се обиде да добие одговори од Министерството за здравство, но до затворањето на овој број од неделникот, не добивме никаков одговор.

ПОГРЕШНАТА БОЦА СО КИСЛОРОД ИСЧЕЗНАЛА ОД КЛИНИКАТА

Сепак, да се навратиме на делот со металната боца која наместо јаглероден диоксид, по грешка била наполнета со кислород, кој всушност го предизвикал пожарот во стомакот на 69-годишната скопјанка. Според направената интерна истрага, заклучено е дека никој не знае како боцата со погрешен медицински гас се нашла на клиниката, од каде била донесена, со оглед на тоа што на неа немало официјална етикета, број на полнење, како и денот кога била наполнета, што мора да го има секоја метална боца со медицински гас.

Нашите извори од клиниката тврдат дека случајот бил затворен за само неколку денови, но уште пострашно во целата приказна е тоа што оттогаш металната боца што го предизвикала пожарот исчезнала од клиниката и од денот на операцијата никој ја нема видено. Според нив, некој ја крие боцата со медицински гас за да не се прави поголема врева и да не се бараат дополнителни испитувања и истраги што може да доведе до повеќемина виновници кои би презеле одговорност за случајот, морална, но можно е и кривична.

Директорот на клиниката, Александар Караѓозов упорно ја избегнува темата, но ги избегнува и прашањата на „Фокус“. Тој продолжува целиот случај да го крие и од Министерството за здравство, но не се обратил ни во јавната установа „Заеднички служби“, која е посредник меѓу клиниките и фирмите што ги доставуваат боците.

Од „Заеднички служби“ велат дека тие не можат ништо да преземат по своја иницијатива додека клиниката не одлучи да го пријави случајот и да побара одговорност.

Иако јавноста веќе е запознаена со случајот, до нас се уште од страна на клиниката нема доставено никаква жалба, ниту усно, ниту писмено известување. Ако имаат проблем, се плашат да пријават за да не сносат одговорност. За целиот случај првпат слушнавме од вас, што не треба така да биде. Се знае по хиерархија како одат работите. Ние ќе си направиме истрага, ќе ангажираме надворешна фирма и ќе провериме се што е во наша надлежност – тврдат од „Заеднички служби“.

Од таму додаваат дека нивна работа е само транспортот и кога нивните вработени одат да ги земат металните боци со медицински гасови, тие имаат само пристап до капијата, но не и внатре каде што се полнат. Затоа, повторно нагласуваат дека случајот мора да се пријави кај нив, за тие да можат целосно да го испитаат.

Незнам каква била таа метална боца со медицински гас затоа што никој не ми ја покажал. Но сите мора да имаат официјални етикети, бројче на нив и денот и датумот кога биле наполнети. Исто така, сите боци се со различни бои, некои се помали, некои поголеми – објаснуваат од оваа јавна установа.

Тие, исто така тврдат дека постојат повеќе локации низ Скопје каде што се полнат металните боци со различни медицински гасови, во зависност од тоа која клиника колкава потреба има.

Како и да е, недозволиво е ваков случај во кој можела да изгори пациентка среде операција да се затвори како ништо да не се случило. Надлежните институции мора да направат истрага и да се понесе одговорност, затоа што виновник секако постои. Металната боца со медицински гас сигурно не се нашла сама на клиниката, ниту пак самата се наполнила. Тоа мора да го направил некој и за тоа мора да одговара, како што одговорност мора да понесат и тие што веќе два месеци го кријат случајот.

Рамка:

МИНИСТЕРОТ ТОДОРОВ ГО ИГНОРИРА „ФОКУС

„Фокус“, исто така, го контактираше и министерот за здравство Никола Тодоров за да ни објасни дали е запознаен со случајот и што ќе преземе за негово расчистување. Тој до затворањето на овој број од неделникот не одговори на ниту едно од поставените прашања упатени на негова адреса.

Поврзани новости