Во текот на изминатото деноноќие во Македонија регистрирани се низа инциденти поврзани со семејно насилство, закани и вознемирување, при што приведени се повеќе лица низ Македонија.
Во струмичко село вчера во 14:00 часот, полициски службеници од СВР Струмица уапсија 37-годишна жителка. Според пријавеното, таа околу 12:00 часот во семејниот дом физички го нападнала нејзиниот 40-годишен сопруг.
За настанот е запознаен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидент имало и во Богданци во 20:15 часот, каде што полициски службеници од ОВР Гевгелија уапсија 57-годишен жител. Тој бил приведен по претходна пријава дека во семејниот дом, под дејство на алкохол, агресивно се однесувал кон неговата 53-годишна сопруга.
Лицето е задржано во полициска станица, за настанот е известен јавен обвинител и следува соодветен поднесок.
Во Куманово доцна вечерта уапсен е 44-годишниот О.К., откако неговата сопруга пријавила дека ѝ упатувал закани.
Осомничениот бил приведен во полициска станица за понатамошна постапка.
Физички напад врз жена имало и во Велес. Полицијата вчера околу 16 часот го лишила од слобода Е.Б.(41) од село Горно Оризари, кој во домот каде што привремено престојувал физички ја нападнал својата 37-годишна партнерка.
Полицијата во Виница поднесе кривична пријава против Е.Б.(33) од Виница поради постоење основи на сомнение за кривично дело „загрозување на сигурноста“, откако агресивно се однесувал и ѝ упатувал закани на својата сопруга.
Во Гостивар, пак, поднесена е кривична пријава против Р.Џ.(57) од гостиварско за кривично дело „демнење“.
Тој во повеќе наврати следел, вознемирувал и упатувал закани кон 49-годишна жена од Гостивар.