Две лица се тешко повредени денес по експлозија во хидроелектрана во јужниот дел на Швајцарија, јавуваат швајцарските медиуми.
Нешто по 09:30 часот дојде до експлозија во хидроелектраната „Ритом“ во Пиота, во кантонот Тичино, кој се наоѓа на границата со Италија.
Кантоналната полиција за Швајцарското радио и телевизија на италијански јазик (RSI) потврди дека во постројката се случила „тешка несреќа при работа“.
Како што наведуваат, станува збор за „инцидент што зафатил дел од објектот“ и во кој „две лица се здобиле со тешки повреди“.
Во тек е голема интервенција на итните служби, во која учествуваат пожарникари, екипи за итна медицинска помош и хеликоптер за спасување.
Полициски службеници го оградија и обезбедија просторот.
Што се однесува до причините за несреќата, се претпоставува дека проблемот е од електрична природа и настанал на трансформаторот, за време на тестирањето и пуштањето во работа на постројката.