Четири лица, сите државјани на Полска, се лишени од слобода откако со четирицикли влегле во просторот на воени магацини во Тетово и ја оштетиле влезната врата на објектот.
Според информациите од МВР, случајот бил пријавен на 28 септември во 18:24 часот од Воената полиција на АРМ во СВР Тетово. Настанот се случил во местото „Еребино“, каде што се наоѓаат воени магацини.
Војниците кои биле на стража ги задржале Х.М.А. (55), Д.К.В. (55), К.В. (41) и К.Ј.Р. (36), додека други три лица со четирицикли успеале да избегаат.
Четворицата се лишени од слобода поради основано сомнение дека сториле кривично дело по член 350 од Кривичниот законик, односно „неовластено влегување во воени објекти“.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на останатите три лица. По целосното документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.