Јанкуловски и Манолева во трката за претседател на Лекарска комора

by irena 11:47
11:47

Поранешниот ректор на УКИМ и абдоменален хирург, Никола Јанкуловски и екс директорката на физикална медицина и рехабилитација Маја Манолева влегуваат во трката за нов претседател на Лекарската комора, откако веќе неколку месеци е изминат вториот четиригодишен мандат на доктор Калина Гривчева-Старделова, неофицијално дознава „Фокус“.

До Лекарската Комора се уште нема поднесено официјални кандидатски листи, но сепак нивните имиња се вртат во лекарската фела.

Манолева беше дел од раководството на Комората последниот мандат како потпретседател за секундарно здравство, иако таа работи во терцијарно здравство, поточно како доктор на скопската Клиника за физикална медицина и рехабилитацџија, каде што претходно со години беше директор.

Според нашите информации, општинските одбори од сите градови на 7 октомври на тајно гласање избираат 80 делегати, кои подоцна се закажува нов датум на кој треба да се избере новиот претседател на Лекарската комора, чиј мандат трае четири години и има право да конкурира за само уште еден мандат.

Во меѓувреме, „владеењето“ на доктор Гривчева-Старделова заврши уште на 1 јули, па под знам прашалник се става начинот на кој функционира Лекарската комора. Тоа значи дека ако сите дипломирани студенти по медицина во последните неколку месеци кои треба да полагаат стручен испит за да добијат лиценца полагаат пред Комисија во Лекарската комора, која сега по завршувањето на мандатот не се знае дали е законска или не.

Од друга страна пак, од Лекарската комора тврдат дека во однос на информациите кои се поврзани со стручниот испит и издавањето на лиценци, истакнуваме дека комисии кои го организираат стручниот испит и ги разгледуваат и одобруваат документите за издавање на лиценци за работа на докторите имаат мандат до декември 2026 г..

„Лиценците се потпишани од претседателот на надлежната комисија. Актуелниот претседател на Комората, како втор потписник, ги потпишува лиценците по функција се додека нов претседател не биде впишан во Централниот регистар. Истакнуваме и дека временско поместување на изборите за претседател на Лекарската комора не е правен преседан. Имено изборите кои беше предвидено да се одржат во 2016 година беа организирани во 2017 година.. Изборите кои беа предвидени да се одржат во 2021 година беа организирани во 2022 година, поради состојбата предизвикана од пандемијата со ковид 19. Ниту една институција досега не го оспорила легитимитетот на документите кои беа издавани во овие случаи. Напоменуваме и дека издавањето на лиценците и сите други документи кои им се потребни на докторите се одвива непречено и без застој, што е особено важно да биде нагласено за да не се создава несигурност“, наведуваат од Лекарската комора.

И.М. 

 

Слични вести