Полицајците неказнети за пропустите со семејно насилство – 50 кривични пријави поврзани со фемицид без епилог

by jadranka 18:58
18:58

Педесет кривични пријави за исто толку полицајци поврзани со фемицид врз две жени се уште се во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција без никаков епилог. Нема обвинение ниту за 11-мина кои не постапувале законски во случајот со убиената велешанка Росица Коцева, која заедно со татко и беше жртва на нејзиниот партнер кој откако ги уби се самоуби, објави Телма. Епилог нема ниту истрагата 39-мина полициски службеници поврзани со случајот на Ивана Јовановска која заедно со својата ќерка Катја се фрли од зграда поради насилството кое го трпеле од својот сопруг. Досегашниот прв шеф на ова обвинителство Ислам Абази вели се работи за истраги кои бараат многу внимание.

„Времетраењето на предметите зависи од самата природа на настанот и кривичната пријава, на пр., за примање поткуп се постапува веднаш во истиот ден, додека за настани од пред една или две години потребно е време за проверка на веродостојноста на наводите“, рече Абази и додаде дека се постапува по двата предмети.

Пред убиството Росица Коцева седум пати пријавувала во полиција дека поранешниот партнер ја напаѓа, малтретира и вознемирува. Пишувал графити по градот а во продавница оставил и УСБ со експлицитни содржини од двајцата.

Првично полицијата тврдеше дека постапила законски но внатрешната контрола сепак поднесе пријави за 11 полицајци.

Ивана Јовановска пак со години пријавувала семејно насилство, а дури 39 полицајци се под истрага. За новата шефица на ОЈО ГОКК Искра Хаџи Василева, на одделението кое специјално формирано за истраги за полициски службеници му треба реформи.

„Одделението е многу обременето со голем број предмети. Во иднина треба да се размислува за суштинско подобрување на позицијата на одделението и пристапот кон одговорноста на полициските службеници, бидејќи таа опфаќа и дисциплинска и кривичноправна одговорност, и мислам дека тука има простор за подобрување“, рече Хаџи Василева.

Од убиството на Росица е поминато повеќе од една година, од смртта на Ивана и Катја се поминати повеќе од 8 месеци, а сопругот и татко Стојанче Јовановски е веќе осуден за наведување на самоубиство.

Инаку министерството за внатрешни работи секој ден ја информира јавноста за пријавите за семејно насилство.

За  24 часа биле пријавени 15 случаи а велат дека преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи и ќе поднесат соодветни пријави. Апелира граѓаните да не го премолчуваат насилството и да го пријавуваат на телефонските броеви 112 и 192 или во најблиската полициска станица.

Слични вести