Луксузното BMW со кое се појави Касами е во сопственост на негов роднина и бизнисмен!

Возилото марка BMW со тетовски регистарски таблички, со кое тетовскиот градоначалник и лидер на БЕСА Биљал Касами дојде на лидерската средба во Клубот на пратеници, е во сопственост на негов близок роднина со инцијали Р.А, кој поседува компанија за бетонски елементи со седиште во Желино, дознава „Фокус“.

by vlatko 11:10
11:10

На лидерската средба што завчера се одржа во Клубот на пратеници, големо внимание привлече тоа што градоначалникот на Тетово Биљал Касами, кој воедно е и лидер на БЕСА и еден од фронтмените на владејачката коалиција ВЛЕН, пристигна со луксузно возило марка BMW, во вредност од над 100 илјади евра.

Со оглед дека тоа предизвика лавина коментири и реакции во јавноста, реагираа од таборот на Касами, од кадешто за медиумите, меѓу другото, изјавија дека возилото не е негово, туку дека тоа било позајмено од причина што неговото службено возило било расипано.

„Автомобилот со кој пристигнав не е моја сопственост, и покрај шпекулациите што кружеа во медиумите и социјалните мрежи. Тој автомобил беше користен привремено, бидејќи службениот автомобил моментално е на поправка. Мојот личен имот редовно се пријавува и е достапен за јавноста, во согласност со законот“, гласи изјавата на Касами што ја објави СДК.

Според информациите до кои дојде „Фокус“, посоченото BMW е во сопственост на лице со иницијали Р.А, кој е му е роднина на Касами или поточно – негов вујко. Всушност, кога ќе се погледне регистарската табличка на возилото, фатена од страна на телевизиските камери, на крајот може да се забележат буквите РА, кои одговараат токму на иницијалите на споменатиот роднина на Касами.

Имено, станува збор за сопственик на приватна компанија основана уште во 1998 година со седиште во Желино, чија основна дејност гласи „завршни градежни работи“. Од официјалната интернет-страна на оваа фирма во чиј назив се сретнува терминот „Мурана“, пак, може да се види дека таа работи со производство на бетонски елементи и отворање на бунари. Патем, соработувала и со јавни органи по пат на договори за јавни набавка.

Ако се погледнат финансиските извештаи на друштвото, тогаш се доаѓа до заклучок дека тоа бележи постојан раст во последните неколку години, така што ако приходите во 2023 година изнесувале над 35 милиони денари, тогаш приходите во 2024 година надминале 51 милион денари, додека добивката се зголемила од 2 милиони денари во 2023 на 12 милиони денари во 2024 година.

Инаку, во анкетниот лист до Антикорупциската комисија, Касами пријавил дека поседува возило марка Мерцедес, произведено во 2007 година, кое го стекнал по пат на купопродажба во 2017 година, кога возилото имало вредност од 800 илјади денари или 13 илјади евра. Но, тој деновиве во јавноста се појави по позајмено BMW, кое вреди 10 пати повеќе од неговото лично возило.

Имајќи во предвид дека дел од неговото официјално објаснување гласеше оти позајмил возило бидејќи службеното возило било во дефект, до Општина Тетово поставивме прашања какво службено возило користи градоначалникот, колку време е расипано и за каков дефект се работи, како и дали возилото што го позајмил е во сопственост на негов роднина и воедно бизнисмен?

Исто така, прашања по официјален пат упативме и до компанијата на неговиот роднина, од каде, исто така, побаравме одговор дали позајменото возило што го користи Касами е во сопственост на сопственикот на друштвото со иницијали Р.А., колку често било позајмувано ова возило итн.? Штом ги добивме одговорите веднаш ќе ги објавиме.

Во овој контекст, треба да се потсети на еден случај од средината на 2023 година, кога беше опожарено возило марка Ауди, што го управуваше тогашниот вицепремиер Артан Груби, кој во меѓувреме се најде на „црна листа“ на САД и ја напушти земјава, додека против него се води постапка во Јавното обвинителство.

Притоа, Груби велеше дека возилото не е негово, туку дека е во сопственост на негов пријател. Како што тогаш обелодени „Фокус“, возилото беше во сопственост на газдата на компанија која го купи хотелот на „Гранит “ на Попова Шапка за багателна цена, и тоа веднаш откако „Гранит“ го доби вториот милионски тендер за изградба на автопатот кон Блаце од ЈПДП, тогаш под раководна палка на Ејуп Рустеми, сопартиец на Груби во ДУИ.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести