Почина двегодишното дете повредено за време на новогодишната ноќ

by jadranka 10:25
10:25

Утрово на скопските клиники почина двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ, откако, според првичните информации, било погодено од заталкан куршум додека гледало огномет.
Како што веќе објави Фокус  детето е примено на лекување на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар, откако било тешко повредено со огнено оружје. Досега не е сигурност утврдено како точно настанала повредата, а надлежните институции разгледуваат повеќе можни сценарија. Како што информираат од Јавното обвинителство издадена е наредба за обдукција на телото.

Детето најпрвин било згрижено во Градската болница, а поради сериозноста на повредите било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Лекарите констатирале крварење во мозокот, при што биле зафатени сите мозочни комори. Детето било во тешка и животозагрозувачка состојба и под постојан медицински надзор.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, претходно информираше дека станува збор за еден од најсериозните инциденти за време на новогодишната ноќ, посочувајќи дека повредата е предизвикана од метален фрагмент и дека околностите под кои настанал случајот сè уште се предмет на истрага.

Слични вести