По речиси 20 години од судењето на овчарот Иснифарис Џемаили во ,,Бачило” државата продава огромно конфискувано земјиште од овој случај

by valentina 13:50
13:50

По речиси две децении од пресудата за случајот ,,Бачило”, државата продава имот кој бил конфискуван во овој судски случај. Станува збор за огромно земјиште од 56.818 метри квадратни, во Морани, Студеничани.

-Имотот за КО Морани кој е објавен за продажба е од судскиот предмет
од Пресуда К.бр.297/07 од 12.04.2007 година, од случајот познат во јавноста под името „Бачило“, одговорија од Агенцијата за управување со одземени имот на прашањето од ,,Фокус”, а по забуната во јавноста дека станува збор за имот запленет во случајот ,,Империја”.

Овој имот веќе неколку пати е огласуван за продажба, но сите обиди завршиле неуспешно.

Па така, во 2023 година имотот се продавал за 208.000 евра, а пред два месеци беше понуден за цена од 277.161 евра, или по 5 евра од квадрат. Сега имотот е понуден за цена намалена за една четвртина и се продава за истата сума од пред три години, 208.000 евра или за 3,7 евра по квадрат.

-Продажбата на конфискуваниот имот од точка 1 од овој Заклучок, ќе се изврши со јавно наддавање по електронски пат, со почетна продажна цена утврдена согласно Процената на Министерството за правда – Биро за процени бр. СВ V- 3/25-8 од 25.03.2025 година,намалена за ¼,во износ од 12.784.065 денари, пишува во објавениот оглас.

Јавното наддавање за недвижноста ќе се изврши електронски на 2 март.

Случајот ,,Бачило” е од 2006 година кога беше уапсен овчарот Иснифарис Џемаили. Тој беше обвинет дека помогнат од нотарот Никола Стоименовиќ ја оштетил државата за 44.462.585 денари со тоа што извршил наплата на штета по основ на убиена и повредена стока. Поточно, Џемаили примил судска пресуда со која нему му било одобрено да наплати милионска штета по наводно хеликоптерско ракетирање, извршено на 27 јуни 2001 година, на неговото бачило во близина на тетовското село Камењане.
Со ветеринарни потврди требало да се докаже дека во нападот на бачилото биле убиени 2.150 овци, 17 крави, 13 телиња и 22 коња. По ова следело и дополнување за уште 3.820 овци, 15 крави и исто толку телиња и 27 коњи.

Со судска пресуда Џемаили, за дела перење пари и за злоупотреба на службена положба и овластување, првично беше осуден на 4,6 години затвор. Заедно со него беа осудени уште 20 лица, а беше конфискуван и имот, во вредност од 33.410.023 денари.

Валентина Вурмо

Слични вести