Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не бара директна војна со НАТО, туку се обидува да ја ослаби Алијансата одвнатре и да го поткопа нејзиното единство.
„Не верувам дека Путин сака целосна војна против НАТО. Неговата цел е да ја уништи Алијансата одвнатре, да ја тестира нејзината решителност и солидарност“, рече Писториус во интервју за германскиот весник Цајт.
Тој оцени дека Русија не покажува подготвеност да ја заврши војната во Украина и дека само Путин „може веднаш да го запре конфликтот“.
Зборувајќи за улогата на Соединетите Американски Држави, Писториус предупреди дека Европа мора да биде подготвена за сценарио во кое Вашингтон делумно ќе се повлече од своите безбедносни обврски.
„Американците остануваат незаменливи, особено кога станува збор за нуклеарно одвраќање, но Европејците ќе мораат многу повеќе да се потпираат на сопствените способности во иднина“, рече тој.
Писториус додаде дека слабеењето на трансатлантското партнерство би претставувало сериозен безбедносен ризик.
„Европа без САД нема споредлива нуклеарна сила за одвраќање. Затоа е во интерес и на Европа и на Америка НАТО да остане силен“, нагласи германскиот министер за одбрана. Тој предупреди дека Русија внимателно ги следи реакциите на Алијансата.
„Путин ги тестира границите – прашањето е дали НАТО секогаш реагира решително. Токму затоа единството на сојузниците останува клучно“, заклучи Писториус.