Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција ја обвини СДСМ дека се обидува да добие политички поени преку актуелната состојба во Гостивар, наместо, како што вели, да побара одговорност од локалната власт предводена од нивните коалициски партнери.
Петрушевски изјави дека СДСМ шири невистини и потсети на, како што рече, нивните тврдења дека водата во Валандово не била безбедна за пиење иако, според него, вонредните анализи покажале спротивно.
Тој додаде дека во периодот кога СДСМ ја водела локалната власт во Валандово, не биле спроведувани ниту редовните анализи на квалитетот на водата.
Петрушевски посочува дека надлежните институции активно работат на надминување на состојбата во Гостивар и дека бројот на граѓани кои бараат лекарска помош се намалува.
Според него, во наредните денови граѓаните треба да добијат технички исправна вода, која ќе може да се користи за миење, санитарни потреби и одржување на домаќинствата, а до крајот на следната недела се очекува да биде обезбедена и вода безбедна за пиење.
-Важно е што се преземаат максимални напори за стабилизирање на состојбата во Гостивар. Рејтинг не се прави со лаги – рече тој.